Дали Таравари ќе ги остави СДСМ и ДУИ: „Западните пријатели не би имале против доколку Алијанса ја бутне Владата“

од Nikola Popovski
655 прегледи

Очигледно дека негласањето на Законот за амнестија кој беше предложен од Министерството за правда, предводено од кадар на Алијанса за Албанците, предизвика турбуленции во владината коалиција, па дури и најави за излегување од неа. Ова може да се види според вчерашната изјава на лидерот на АА, Арбен Таравари. Според него, фактот што не беше изгласан Законот за амнестија делува понижувачки. „Не сакаме да биде траблмејкери во Владата, меѓутоа имаме дилеми дали треба да се продолжи понатаму“, рече Таравари. Тој најави можност за свикување на седница на централното претседателство на партијата до крајот на ноември, на која ќе бидат анализирани сите можности и не ја исклучи можноста за партијата да оди опозиција.

Ќе останат ли СДСМ и ДУИ сами во Влада? 

Политичкиот аналитичар и извршен директор на невладината „Пулсот на демократијата“ Енвер Салихи во разговор за „Локално“ вели дека најавите се една интересна увертира во еден изборен процес во кој ќе има многу тешка борба во македонскиот, така и во албанскиот блок во пресрет на двојните избори. Според него, Алијанса за Албанците сигурно дека се чуствува понижена и не успеа да го земе делот кој претходно е договорен, иако мандатот на оваа влада е при крај.

Енвер Салихи

-Патем ова е исто сценарио кое претходно го имаа почуствувано и БЕСА и Алтернатива кои до крај не успеа да ги добијат договорените позиции и секогаш кога една или друга партија оди погоре со рејтинг се исфрлува од влада, оценува Салихи.

Тврди дека до Нова година сигурно ќе има датум за нови двојни избори и ќе се распушти Собранието така што не смета дека има потреба за распуштање на Собранието пред предвидениот период.

-Сепак Алијанса за Албанците направила пресметки и кон крајот на ноември ќе имаме конечни резултати од нивните калкулации кои се вовед во еден интересен изборен процес кај албанскиот блок каков што немало речиси никогаш досега, истакнува Салихи.

За лидерот на АА, соговорникот вели дека е ценет доктор и политичар кој знае што прави, откако вчера Таравари кажа дека „ни требаат и инструкции од тие коишто ние ги нарекуваме свои пријатели и да знаеме кој пат да го фатиме“.

-Не верувам дека нашите европски сојузници би имале нешто против одлуката да се бутне Владата, но сепак сметам дека нема потреба за драма од причина што и така Алијанса има одлучено да оди самостојно на избори и тоа ќе биде добитничка позиција за оваа партија која на крај може да биде клучен фактор за формирање на новата влада како самостоен субјект, посочува аналитичарот.

Уставните измени, додава тој, не се веќе на дневен ред по се изгледа од причина што постојат изјави заверени на нотар кои тврдат дека нема да гласаат така што ова е уште еден успех за Владата и можеби мотив плус за Алијанса самостојно да настапи.

-Претстои еден многу турбулентен период каде партиите ќе дадат се за да бидат во идната Влада дотолку повеќе што во албанскиот блок се формира уште една партија со сериозен предизвик за сите други политички партии и дополнително ќе направи притисок врз политички конкуренти, кажа Салихи.

„Владините партнери се нечесни кон АА“

Поранешниот пратеник и познавач на состојбите, Зуди Џелили смета двата закони ги „раскараа“ владините партнери. Во разговор за „Локално“ вели дека по предлог измените на Кривичниот законик за да се спасат бивши функционери кои беа вмешани во тешки криминални дела, министерот Кренар Лога имаше резерва и затоа предлогот го поднесе заменик-министерката.

-Пред тоа Лога по добиени информаци од Народниот правобранител и од други извори за лошите услови по затворите, пренатрупаноста и дека многу лица кои треба да одат на извршување на санкциите чекаат да се ослободат места, го подготви Законот за амнестија кој помина во влада, но не наиде на поддршка од страна на пратениците од СДСМ и не помина. Значи има нечесни односи кон АА од страна на партнерите, истакнува Џелили.

Зуди Џелили

Бидејки набрзо ќе се дојде до 100 дена пред избори и ќе има техничка влада, соговорникот истакнува дека од јануари се очекува распустање на Собранието.

-АА го даде максимумот за да се зачува европскиот пат на С.Македнија. Мислам се конструктивни и ќе го направат најдоброто за европската иднина на земјата, објаснува Џелили.

Наведува дека турбуленциите се околу уставните измени.

-Има индикации дека партии од власта со одредени неуспешни потези не обезбедиле мнозинство, па така АА има забелешки и на овие непромислени планови. Мислам последна шанса за уставни измени е техничка Влада, инаку земјава ќе се одвои од Албанија на заедничкиот пат кон пристапувањето во ЕУ, заклучува екс-пратеникот.

Н.П.

Слични содржини