Дали веќе „заискри“ меѓу Маск и Трамп? Има несогласувања околу оваа визија од 500 милијарди долари

од Nikola Popovski
647 прегледи

Во Белата куќа се одржа прес-конференција на која беше објавено лансирањето на амбициозниот проект наречен „The Stargate Project“, чија цел е изградба на систем на центри за податоци за вештачка интелигенција. Набргу откако претседателот Доналд Трамп објави огромна инвестиција во инфраструктурата за вештачка интелигенција (ВИ), „првиот пријател“ Илон Маск изрази сомнеж за изводливоста на проектот.

„Тие навистина немаат пари“, напиша Маск на својата социјална платформа X. „SoftBank има обезбедено помалку од 10 милијарди долари. Ова го знам од сигурни извори.’

Трамп најави дека инвестицијата ќе резултира со формирање на нова компанија наречена Stargate, која ќе развива инфраструктура за вештачка интелигенција во САД. Шефовите на компаниите SoftBank, OpenAI и Oracle му се придружија на Трамп за време на објавувањето. Нивните компании ќе инвестираат вкупно 100 милијарди долари за започнување на проектот, со планови за зголемување на инвестицијата на 500 милијарди долари во наредните години.

Истакнати учесници на објавата беа Сем Алтман, извршен директор на OpenAI, Лари Елисон, директор на Oracle и Масајоши Сон, извршен директор на SoftBank. Најавата на Трамп предизвика голема контроверзија, но изјавите на Маск фрлија сенка на овој амбициозен план.

Забелешките на Маск доаѓаат во време кога тој води правна битка против OpenAI и нејзиниот извршен директор Сем Алтман. Маск тврди дека OpenAI ја напуштил својата оригинална непрофитна мисија со резервирање на најнапредните технологии за вештачка интелигенција за приватни клиенти.

„Не му верувам на Алтман“, рече Маск како дел од тековниот спор. Неговите зборови дополнително ги зголемија тензиите околу проектот Stargate, кој веќе е под лупа на јавноста. За време на објавата на Белата куќа, Алтман му одговори на Маск на платформата Х:

„Неточно, како што сигурно знаете. Дали сакате да ја посетите првата локација која е веќе во изградба? Ова е одлично за земјата. Разбирам дека она што е добро за земјата не е секогаш оптимално за вашите компании, но се надевам дека во вашата нова улога на прво место ќе ја ставите Америка“.

Прес секретарот на Белата куќа, Каролин Левит, ги отфрли коментарите на Маск во интервју за Фокс њуз. „Американскиот народ треба да им верува на зборовите на претседателот Трамп и на овие извршни директори“, рече Левит. „Претседателот Трамп е многу возбуден поради оваа објава во секторот за вештачка интелигенција, која е клучна за напредокот на Соединетите држави, особено со оглед на фактот дека нашите противници, како Кина, се многу напредни во оваа област. Оваа инвестиција носи работни места и иднина за нашата земја“.

Иако компаниите вклучени во Stargate јавно не обелоденија како ќе обезбедат финансирање, извор близок до проектот тврди дека тврдењата на Маск се невистинити.

SoftBank, на пример, има 24,3 милијарди долари во готовина според последните финансиски извештаи и е подготвена да преземе дополнителен долг за да го поддржи проектот. Oracle има 11 милијарди долари во готовина, додека OpenAI неодамна обезбеди повеќе од 10 милијарди долари преку својата најнова рунда на инвестиции во ризичен капитал. Дополнително, Сатја Надела, извршен директор на Мајкрософт, кој соработува со OpenAI на Stargate, изјави за CNBC: „Сè што знам е дека можам да ги осигурам моите 80 милијарди долари“.

Слични содржини