Дали војната во Украина ќе оди до недоглед: „Ако продолжи и во 2026 ќе се зголеми ризикот истата да се трансформира во поширок конфликт или да се активираат други досега замрзнати жаришта“

Илиев за „Локално“: Доколку Русија смета дека со напади против цивилни цели ќе го деморализира народот на Украина, веројатно нема да ги добие саканите резултати

од Nikola Popovski
55 прегледи

Ништо ново на фронтот на истокот од Европа. Војната и понатаму трае, Русите се пожестоко ја напаѓаат Украина…Нов момент дека официјален Киев ќе добие системи за воздушна одбрана „Патриот“ за да се заштити од руските напади, објави шефот на Белата куќа. Според Доналд Трамп, испораката ќе биде дел од договор со кој НАТО земјите ќе ги покријат трошоците. Дел од оружјето произведено во САД, кое Украина го бара, е веќе распоредено кај сојузниците во Европа. Американскиот претседател пред големата изјава за војната во Украина, одново изрази незадоволство од колегата Владимир Путин.

Што се случува на бојното поле и дали се навестува почеток на руската летна офанзива?

За дел од експертите, интензивирање на руските нападите со дронови е веројатно поврзано со преговорите меѓу САД и Русија истовремено вршејќи влијание врз моралот и јавното мислење во Украина. Помалку е веројатно дека ова е подготовка на Русија за голема летна офанзива која би ја решила војната, бидејќи офанзивата на Русија трае непрекинато, тврди експертот на безбедност и аналитичар, Александар Илиев. Според него, Русија е во офанзива повеќе месеци, но не успева да постигне значаен успех.

Александар Илиев

„The Economist“ на 9 јули процени дека на руските сили ќе им треба да напредуваат до февруари 2028 година за да заземат остатокот од областите Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје, со сегашната брзина на напредок. Истовремено, анализa направенa од „Institute for the Study of War“ покажува значајно зголемување на нападите со дронови и ракетите од страна на Русија во изминатите два месеци.

Во март е забележано опаѓање на нападите со дронови, со привремени растови, но во мај бројките на напади со дронови се зголемиле драстично. Овие падови и раст може да се поврзат со промените а одност на САД кон Украина. Во март, претседателот на САД, Доналд Трамп, направи кратка пауза на воената помош за Украина, а претходно во февруари Трамп даде изјави со кои го проблематизираше легитимитетот на Володимир Зеленски. Понатаму, во март имаше и обид за преговори кои би резултирале со примирје, но истите немаа позитивен исход.

Откако во април Трамп почна да дава изјави дека мирот можеби не е достижен започна период на интензивни напади со дронови и ракети од страна на Русија. Треба да се напомене дека во минатите месеци Украина успеа да неутрализира над 10% од стратешките бомбардери на Русија ги нападна фабриката за дронови во Јалабуга, Татарстан, фабриката за антени во Чебоксари, Чувашија и фабриката за електроника во Зубово, Московска област што значајно влијае на воените способности на Русија. Оттука, интензивирањето на напади со дронови е повеќе инструмент кој треба да создаде услови САД и Украина да прифатат одредени барања на Русија, отколку заситување на против-воздушната одбрана на Украина пред голема офанзива на Русија која ќе ја реши војната, вели Илиев во разговор за „Локално“.

Генералниот секретар на алијансата, Марк Руте е во дводневна посета на Вашингтон. Предвидени средби со претседателот Трамп, секретарот Рубио, министерот за одбрана Хегсет. Специјалниот претставник на САД, Келог пак, во еднонеделната посета на Украина во момент кога жестоките борби продолжуваат на истокот, руските сили тврдат дека освоиле две населби во регионот Донецк.

Соговорникот оценува дека Русија постигна голем напредок не само во бројот на произведени дронови туку успеа и да ги модернизира.

-Појаснува дека руските сили сега користат модифицирана верзија на „Shahed“ именуван Геран-2, со посилна боева глава, способен да лета повисоко и побрзо и кој е поотпорен на против-електронско војување. Модернизираниот Shahed (Геран-2) поседува широк спектар на напредни технологии, вклучувајќи сателитски антени со 16 канала, што ја отежнува работата на украинските системи за електронска војна против нив.

 

Значајна нова карактеристика која се гледа на многу дронови е дополнителен систем за навигација кој користи технологија за глобална мобилна комуникација (GSM). Ова им овозможува на операторите да ја следат беспилотната летачка платформа во реално време преку мобилните мрежи, дури и ако основниот систем за навигација е оштетен. Може да се заклучи дека успехот на Русија е не само во тоа што постигнале свое производство туку и што успеала да ги модернизира дроновите кои ги користи, посочува Илиев.

Запрашан дали намерата на Русија е да ја ослаби украинската воздушна одбрана до степен загубите да не можат да се компензираат со западни испораки на оружје и одбранбени системи, експертот истакнува дека нападите со дронови влијаат негативно на моралот на народот и се истоштува против-воздушната одбрана на Украина која е приморана да троши скапи и ограничени ресурси. Меѓутоа, според него, не може да се каже дека загубите на Украина ќе бидат толку големи за да бидат ненадоместливи. Сепак Украина успева да собори значаен број дронови со електронски средства и со евтино оружје, а не само со скапа против-воздушна опрема.

-Секоја против-воздушна одбрана може да биде презаситена, а секако дека масовни напади со евтини дронови може да ја истошти одбраната која зависи од скапи ракети. Меѓутоа, клучно е која е целта која е нападната со дронови и ракети. За успех во секоја војна клучна е волјата на народот да се бори. Меѓутоа, интензивните напади со дронови и ракети против цивилни цели нема да ја уништи воената техника и способност на на Украина, ниту пак ќе ја уништи украинската воена индустрија.

Историјата покажува дека масовните бомбардирања на Германија врз Британија во 1940 година, бомбардирањето на Германија од страна на САД и Британија во 1943-1945 и бомбардирањето на Северен Виетнам од САД, не го уништиле моралот на народот. Напротив, дефокусот од воени цели за да се напаѓаат цивилни цели обично давало негативен ефект за напаѓачот. Оттука, доколку Русија смета дека со напади против цивилни цели ќе го деморализира народот на Украина, веројатно нема да ги добие саканите резултати. Поефективно за Русија би било да ја напаѓа критичната инфраструктура и индустријата на Украина, тврди Илиев.

Украина веќе постигнува добри резултати во производството на сопствени беспилотни летала. На прашањето колку е ова помош за земјата и за фронтот, соговорникот појаснува дека производството на дронови не само што ја зголемува борбената способност на Украина, туку веројатно и компензира за недостатокот на војници со кои се соочува Украина. Илиев информира дека производството на дронови во Украина се зголеми за 900% во последната година, со месечната изработка на беспилотни летала која според украински извори скокна од 20.000 во летото 2024 година на над 200.000 во моментов.

-Ова е заклучено и во истражување на „Atlantic Council“ и „Georgetown Security Studies Review“. Важно е да се напомене дека Украина добива финансиска и технолошка поддршка од таканаречената коалицијата за дронови која се состои од 18 официјални земји членки меѓу кои се: Латвија, Обединетото Кралство, Австралија, Чешка, Данска, Франција, Естонија, Италија, Нов Зеланд, Канада, Литванија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Полска, Украина, Германија и Шведска. Понатаму, Украина веќе произведува и роботи, а во јули третата самостојна јуришна бригада на украинските копнени сили, изврши успешен напад врз руски позиции само со користење роботи и дронови. Следствено, времето на војна на дронови, роботи и вештачка интелигенција е веќе започнато, а оној кој нема да предничи во ова ќе биде губитник на бојното поле, констатира експертот за безбедност.

Во меѓувреме, Франција ги зголемува воените трошоци до 6,5 милијарди евра во идните две години поради нови и невидени закани. Макрон повика на засилени напори за заштита на Европа и поддршка на Украина. Претходно, Париз и Лондон се согласија да соработуваат по прашањата за нуклеарна одбрана. „Ако нашата слобода има цена, тоа е таа. Ние сме генерацијата што не ја доживеа војната, решена дека нашите деца не знаат ништо друго освен мир. Но, да бидеме јасни. Веќе ги немаме дивидендите од мирот од кои имаа корист нашите родители. Без сомнение, никогаш од 1945 година нашата слобода не била толку загрозена и никогаш до овој степен. Мирот на нашиот континент никогаш не зависел толку многу од нашите сегашни одлуки“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.

Околу што може да направи Западот во сегашната ситуација, Илиев објаснуваа како клучно е да ѝ се докаже на Русија дека истата не е способна за воена победа во Украина, а за тоа е потребно Западот да даде голема воена, економска, дипломатска и технолошка помош на Украина. Оттаму обезбедувањето суштинска поддршка за заштита на воздушниот простор над Украина е само еден дел од она што треба да бие обезбедено од сојузниците на Украина.

Според соговорникот, иако ниту Русија, ниту Украина покажуваат спсообност за решавачка воена операција, во моментот не се остава впечаток дека е можен компромос за постигнување траен мир. Оценува дека оваа година може да се постигне примирје, но за траен мир веројатноста е минимална.

-Иако секоја војна завршува на преговарачка маса, факт е дека најчесто во војните има јасен воен победник. Досега, нема јасна воена победа во војната во Украина и затоа е тешко да се постигне мировно решение. Затоа, во моментот и двете страни се подготвуваат за продолжување на војната не само со раст на воено производство и иновации во оружјето и тактиките, туку и преку обезбедување економска, воена и дипломатска поддршка од клучни сојузници. Сепак, војната може да продолжи повеќе од една година само доколку има замрзување на конфликтот бидејќи ниту Русија, ниту Украина нема да можат да издржат војна со сегашното темпо и следната 2026 година. Доколку војната продолжи и во 2026 година ќе се зголеми ризикот истата да се трансформира во поширок конфликт или да се активираат други досега замрзнати конфликти, анализира Илиев и додава дека мировните преговори не се пропаднати додека има комуникација меѓу двете страни.

-Трамп стана познат по често менување ставови. Очигледно е дека условите на Русија за примирје, кои беа изнесени во јуни 2025 година, како признавање на Крим, Лугањс, Донецк, Запорожје и Херсон како дел од Русија, се неприфатливи за Украина. Такво примирје повеќе наликува на капитулација на Украина, а остава впечаток дека Русија не сака мир и смета дека е способна за воена победа. Од друга страна, дури и предлогот на САД за признавање на Крим како дел од Русија и де факто признавање на териториите под контрола на Русија како руски, не беше прифатено од Украина.

Интересно е тоа што мировниот предлог на Кина од 2023 година има сличности со предлогот на САД и во основа бара замрзување на конфликтот после што би следувале преговори. Тоа покажува дека иако постојат суштински разлики во тоа каков треба да е исходот на војната меѓу Русија и Украина, САД и Кина се заинтересирани за мир преку компромис. Оттука, наместо да се перцепира дека преговорите се неуспешни треба да се сфати дека тие нема како да бидат лесни и кратки поради комплексноста на она за што се преговара, заклучува аналитичарот.

Н.П.

Слични содржини