Дали Западот се изморува од војната во Украина: „Путин се надева на тоа – Европа да крене раце и враќање на Трамп во САД“

од Nikola Popovski

Војната во Украина трае веќе 642 дена. Додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен тврди дека не се чувствува умор меѓу членките на НАТО пактот кога е во прашање поддршката за Украина, неговиот унгарски колега Петер Сијарто вели дека нема можност за прием на Украина во НАТО следната година. Во меѓувреме, на фронтот во украинското гранатирање на градот Херсон, загинаа четворица руски полицајци, а 18 лица се ранети, изјави претставник на регионалната полиција. На синот на Рамзан Кадиров не му е доделен никаков орден, вели градоначалникот на Доњецк и додава дека оваа вест е резултат на хакерски напад на веб-страницата на градската управа. Словачката влада ја прошири забраната за увоз на земјоделски производи од Украина за да вклучи мед, соја, јачмен, брашно и нуспроизводи од жито.

Ова се само дел од новостите во изминатите денови поврзани со жариштето. Сепак се поставува прашањето дали Западот се изморува од војната во Украина и дали полека се ближи крајот? Според Борис Камчев, известувач на МИА од Вашингтон и познавач на состојбите, идејата дека постои замор меѓу западните лидери во обезбедување на помошта за одбрана на територијалниот суверенитет, интегритет и независноста на Украина е во полза на рускиот претседател. Како што вели во разговор за „Локално“, Владимир Путин се надева токму на тоа, на замор, Европа да крене раце од Украина и враќање на Трамп во САД.

-Германија неодамна се заложи да обезбеди околу пет милијарди долари воена помош, што треба да биде одобрен од Бундестагот. Новиот пакет помош од администрацијата на Бајден чека одобрување од Конгресот, и е во висина од најмалку 40 милијарди долари, со дополнителна помош за Израел. САД пред десет дена испратија оружје во вредност од 100 милиони долари. Така што не би кажал дека Западот се изморува, оценува Камчев.

Истакнува дека минатата недела украинскиот претседател Владимир Зеленски во Киев ги прими министрите за одбрана на САД и Германија, Лојд Остин и Писториус.

-Изјавата на Остин беше: „Нашето единство испраќа јасна порака до Путин дека тој нема да не надмине или да опстои во натпреварот на вољи“. Државниот секретар Ентони Блинкен неделава на министерскиот состанок на НАТО во Брисел даде слична оценка, дека „има силна двопартиска подршка“ за Украина во САД и дека „нема чувство на замор“ меѓу сојузниците во НАТО, посочи соговорникот.

Кога се зборува за вoените успеси на Украина, истакнува Камчев, нејзината војска лани успеа да ослободи огромен дел од територијата заземена од руската армија. Си ја врати територијата северно од Киев и целата источна област околу Харков.

-Руската армија се повлече и ги сконцентрира силите во југоисточниот дел, каде воени дејствија со помал и поголем интензитет се водат уште од 2014 година. Значи овде збруваме за голем успех на украинската војска и за пропаст на плановите на Кремљ да оствари блиц-криг и да го заземе Киев „за три дена“ а цела Украина за една недела, како што ветуваа пропангдистите. Војната сега е рововска, војна на истоштување, во која Русите во немилосрдни напади и обиди за продор, во „брановите од месо“ дневно губат рекордни цифри на жива сила и опрема. Понекогаш и по 1000 руски војници гинат дневно, ги следам тие регулирани извештаи од ВСУ и бројките се секогаш од 700 и повеќе. Но да се земе конзервативно и да се преполоват тие резултати, сепак е многу, трагичо и жално како гинат руските млади момчиња, заслепени од империјалните амбиции на нивниот водач, смета новинарот.

Дециден е дека сето ова се случува благодарение на помошта од Западот. Како што вели, затоа одвреме-навреме слушаме повици од пропагандистите и послушниците на рускиот режим за „мировни преговори“.

-После неоправданитее разурнувања во Украина и бесмисленоста на оваа војна разгорена од военот режим во Москва, никој на Западот, посебно не Зеленски или Киев, не се убедени во искреноста на официјална Москва. Кога сме кај тоа, да не се залажуваме за изговорот на оваа војна дека за Русија имало „опасност од експанзијата на НАТО“. Русија деновиве повлече 90 отсто од своите војници од финско-руската граница и воздушната одбрана од Калининград да ги распореди во Украина поради недостокот на сила таму. Дали разумен генерал или воен стратег би го одбрил тоа, ако за Русија навистина имало некакава опасност од „ширењето на НАТО“? Тоа докажува дека НАТО никогаш и не било опасност за Русија и дека војната е започната од империјалните амбиции на Путин за ништење на украинската нација и јазик.

Борис Камчев

Така што ако се постигне примирје тоа нема да биде само добредојдена зимска пауза за обнова на силите на руската армија и обнова на ракетните и нападите со дронови на пролет. Очигледно зимата во Украина годинава ќе биде снежна и многу студена, па примирје би било добредојдено за Путин, анализира Камчев.

Западните аналитичари велат дека САД ќе го препуштаат товарот на војната на ЕУ, на што известувачот на МИА вели дека САД моментално се фокусирани на Израел и конфликтот меѓу оваа земја и Хамас по терористичките напади на 7 октомври.

-Но, како што покажаа минатонеделните средби на Остин и Писториус со Зеленски, Вашингтон не ја препушта војната само на грб на Европа. Се чека разрешување на конфликтот во појасот Газа, вниманието на американските законодавци и државни лидери сега е на тоа да се ослобадат заложниците, и да се направи одржлив план за долгорочно решение на палестинското прашање, најверојатно по принципот „две држави“. Тоа би требало да се случи мошне скоро, да се стави точка на овој повеќедеценски конфликт на Блискиот исток, за да не се повторат страшните сцени на егзекуции на мирно население од што беше згрозена јавноста во многу земји низ целиот свет. После тоа, целото внимание се враќа на Украина, со очекуван нов пакет помош одобрен од Конгреос во вредност од десетици миларди долари, посочува Камчев.

На прашањето дали изборите во САД можат да го одредат крајот на војната во Украина, новинарот смета дека тоа нема да се случи, бидејќи како што вели, режимот на Путин се одржува на војна.

-Неговата легитимност, постоење и физички опстанок сега зависат од оваа војна. Ако војната заврши, најверојатно во таква форма каква што бара Западот и Киев, тоа би било пораз за Кремљ и крај на тој режим. Војната може да заврши во полза на Путин со доаѓањето на Трамп на власт, иако изгледите за тоа се мали, објаснува Камчев.

Оценува дека преговори може да се случат со очигледен и одржлив прогрес на офанзивата на Украина, кога барем половина од југоистокот и полуостровот Крим ќе бидат под закана Русија да ги изгуби засекогаш и да се вратат под контрола на Киев.

-Тогаш Западот и Киев би имале адути во ракавите и почетна позиција за некакви идни преговори, во кои ќе се бара повлекување на руската армија до границите од 1991 година, и можеби со концесија неутралност и нестапување на  Украина во НАТО, со можност за интеграција во ЕУ. Засега, со оглед на тоа дека режимот на Путин се одржува на оваа војна, а офанзивата не дава резултати, нема изгледи да се случат некави преговори во блиска иднина, заклучува известувачот на МИА од Вашингтон.

Се уште не е на повидок крајот на војната, а Камчев смета дека во моментов, шансите за такво нешто се мали.

-Европа уште од пред 24 февруари 2022 година се наоѓа во кризи, пред сѐ економска и енергетска, а пред тоа беше Ковид-19 пандемијата. Сите со огромно исчекување се молат да настапи крај на оваа криза, на овие трагедии и деструкции. Со подемот на Кина, Русија и Иран, (но и Северна Кореја), геополитичките тендиции се конфликт меѓу авторитарните земји и либералните демократии, во кој првите бараат сѐ  повеќе централизација и контрола дома, како и регионално и светско влијание, а тоа го остваруваат со кршење на човековите права и меѓународните закони, конфликти и војни. Додека вторите се борат за мир, развој на демократијата и враќање на некакво entente, на состојбите по крајот на Студената војна.

Судбината на Европа е тоа што една од тие силни авторитарни земји е соседна Русија, земја од естремниот европоски исток, петрократија водена од припадници на бившото КГБ, силовики, кои се вернина Путин и тие ја држат контролата над неисцрпните природни ресурси на Сибир. Нафта, гас, метали, шумско богатство и вода, што всушност и ги финансираат војната и кризата, вели соговорникот во разговорот.

Н.П.

Слични содржини