Епидемиологот Драган Даниловски не се согласува дека моменталната мерка за продолжување на актуелниот полицискиот час, што првично беше предложена од Комисијата за заразни болести, дала резултат.
„Јас немам објаснување врз основа на што ценела Комисијата за заразни болести дека мерките дале резултат. Можеби тие располагаат со елементи за процена што мене не ми се познати, сепак, јас сум вон системот на одлучување“, вели епидемиологот Даниловски во изјава за „А1он“.
Тој уште минатата недела апелираше дека за викендите ќе биде најдобро да бидат затворени сите објекти, освен продавниците за храна, аптеките и бензиските пумпи, со што ќе се намали бројот на лица кои ќе претстојуваат долго време во затворени простории.
Епидемиологот Даниловски вели дека, врз основа на искуството од претходниот бран, пикот би бил на почетокот на април, но тоа, според него, е само интелектуална претпоставка.
Владата официјално соопшти дека одлуката за полицискиот час која истекуваше денеска, се продолжува во наредните две недели, по предлог на Комисијата за заразни болести.
„Владата на Република Северна Македонија на денешната 56-та седница, по препорака на Комисијата за заразни болести, донесе одлука да биде продолжена актуелната мерка за забрана и посебен режим на движење на граѓаните на целата територија на државата во временскиот период од 22:00 часот до 05:00 часот, почнувајќи од денеска, односно од 23 март до 6 април“, информираат од Владата.
Бројките на Институтот за јавно здравје пак покажуваат дека од 10 март од кога е воведен полицискиот час до денеска бројката на активни случаи е за 50% зголемена. За разлика од 10ти март кога се регистрирани 9 845 случаи, на 21-ви март има вкупно 15 131 активен случај.