Данска е импресионирана од темпото на спроведени реформи во С. Македонија

од Nikola Popovski

Министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод, e импресиониран од темпото со кое се одвиваат реформите во С. Македонија. Tој со нетрпение очекува што поскоро да почнат преговорите за членство на нашата земја во ЕУ.

„Плодна средба со добриот колега Бујар Османи од С. Македонија. Имавме конструктивен дијалог за геополитиката на Западен Балкан. Импресионирани од темпото на реформи во С. Македонија. Со нетрпение очекуваме што поскоро да ги отворите преговорите за пристапување во ЕУ. Добар пример за регионот“, посочува Кофод во објавата на својот Твитер профил.

Како што соопшти МНР, министерот Османи ги поздравил заложбите на Данска за одржување на динамиката во процесот на проширување на ЕУ според воспоставените критериуми и се заблагодари за нивната принципиелна поддршка за евроатлантската и за европската амбиција на Република Северна Македонија.

Двајцата министри размениле мислења, предлози и сугестии и за натамошно унапредување и продлабочување на билатералната соработка, со нови содржини во сите области од заемен интерес, ставајќи посебен акцент на интересот и потребата од засилување на економската соработка, преку идентификување на можниот интерес за инвеститорите и за интензивирање на трговската размена.

Слични содржини