Данското Министерство за одбрана денес објави дека ќе продолжи да го зајакнува своето воено присуство во Гренланд, автономна територија на Данска, поради тензиите предизвикани од заканите од САД.
Министерството соопшти дека Копенхаген е во „континуиран дијалог“ со сојузниците за зголемување на активностите на НАТО на Арктикот, пренесе „BFM“.
– Ќе продолжиме да го зајакнуваме нашето воено присуство во Гренланд, но исто така ќе инсистираме во рамките на НАТО на повеќе вежби и зголемено присуство на НАТО на Арктикот – изјави министерот за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
Изјавата дојде неколку часа пред состанокот на претставници од Данска, Гренланд и САД во Белата куќа, на кој ќе се разговара за иднината на Гренланд.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, вчера изјави дека Гренланд останува посветен на Данска.
„Ако треба да избереме помеѓу Данска и САД, ние ја избираме Данска“, рече тој.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој претходно изјави дека „Соединетите Американски Држави ќе го имаат Гренланд на еден или друг начин“, ја коментираше изјавата на Нилсен, велејќи дека „не се согласува со него“.
„Не знам кој е тој. Не знам ништо за него. Но, тоа ќе биде голем проблем за него“, рече Трамп.