Данската премиерка до Гренланд: Трамп нема да се откаже да ве анектира

од Vladimir Zorba
20 прегледи

Пред доаѓањето на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и други американски претставници, данската премиерка Мете Фредериксен ги предупреди Гренланѓаните дека интересот на американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд „не исчезнал“ – и веројатно тоа нема да се случи наскоро.

Фредериксен го пофали народот на Гренланд што „останува цврсто и достоинствено“ и покрај обидите на Трамп да го анектира арктичкиот остров, истакнувајќи дека останува силен американски интерес во регионот.

Во пораката објавена на социјалните мрежи, Фредериксен вели: „Вниманието е големо, а притисокот е огромен. Но, токму во такви моменти се покажува карактерот. Не се повлековте. Останавте верни на себе и на своите вредности. И за тоа ја имате мојата длабока почит“.

Гренланд е автономна територија во рамките на Кралството Данска, со околу 56 илјади жители кои исто така се дански државјани. Изјавите на Трамп дека сака да го „купи“ Гренланд – дури и со сила, ако е потребно – предизвикаа тревога во Копенхаген, кој инаку е долгогодишен сојузник на Вашингтон.

Премиерот предупреди дека Трамп не се откажува од идејата и дека неговите планови не се променети. „Тоа е јасно од неговите многубројни јавни изјави – вклучително и денес“, рече Фредериксен, алудирајќи на радио интервју во кое Трамп повтори дека САД мора да го „добијат“ Гренланд. Таа додаде дека САД, без оглед на противењето на Данска, ќе продолжат да „дејствуваат во согласност со сопствените интереси“.

„САД многу добро знаат дека Гренланд не е на продажба“, рече Фредериксен. „Тие, исто така, знаат дека Гренланд не сака да биде дел од Соединетите Држави“.

Првично беше планирано потпретседателот Венс и втората дама Уша Венс да го посетат главниот град Нук и да присуствуваат на трка со санки со кучиња. Тој дел од патувањето, сепак, беше откажан откако данските и гренландските власти го критикуваа времето на посетата – веднаш по изборите на Гренланд и за време на преговорите за формирање нова влада.

Освен тоа, најавени се и протести против американската делегација, што дополнително ги зголеми тензиите во регионот и отпорот кон намерите на Трамп. Фредериксен го нарече откажувањето „неприфатлив притисок“.

И покрај сè, премиерот призна дека американскиот потпретседател, кој неодамна ја обвини Данска дека „не ја врши својата работа“ за безбедноста на Арктикот, е во право барем за една работа.

„Кога потпретседателот Венс вели дека ниту САД ниту Данска не направиле доволно за безбедноста на Гренланд, тој не греши“, изјави таа.

„Затоа решивме да ја смениме одбранбената политика. Данска најави инвестиција од повеќе милијарди евра за зајакнување на своето одбранбено присуство на Арктикот на почетокот на годината, нагласувајќи дека промените доаѓаат во светло на новите глобални безбедносни предизвици.

Слични содржини