Данската тајна служба им помогнала на Американците да ја шпионираат Меркел?

од Stefanija Kuzmanovska
242 прегледи

Разузнавачката служба на Данска им помогнала на САД да ги шпионираат европските политичари, вклучително и германската канцеларка Ангела Меркел од 2012 до 2014 година, се вели во извештајот објавен од данските медиуми.

Одбранбената разузнавачка служба (ФЕ) соработувала со Американската агенција за национална безбедност (НСА) при собирање информации, објави данскиот јавен сервис „Данмаркс радио“, а пренесува Би-Би-Си.

Шпиунирани се службеници од Германија, Франција, Шведска и Норвешка, се наведува во извештајот.

Во 2013 година, американскиот свиркач Едвард Сноуден прв објави информација дека НСА ја шпионирала Ангела Меркел.

Белата куќа не ги демантираше овие обвинувања во тоа време, но соопшти дека телефонот на германската канцеларка не бил прислушуван во тоа време и дека нема да биде прислушуван во иднина.

Во новиот извештај, кој беше споделен со повеќе европски новински агенции, се наведува дека НСА имала пристап до СМС-пораки и разговори на неколку истакнати службеници преку поврзување со дански интернет кабли во соработка со локалната разузнавачка служба за одбрана.

Ова, наводно, му овозможило на американскиот сервис да собира податоци користејќи ги телефонските броеви на политичарите како параметри при пребарувањето, објави данскиот јавен сервис.

Покрај Ангела Меркел, цел биле и тогашниот германски министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер и тогашниот опозициски лидер Пер Штајнбрик.

Данската министерка за одбрана Трине Брамсен, која наводно била информирана за случајот порано, за „Данмаркс радио“ изјави дека „систематското прислушување на блиски советници е неприфатливо“.

НСА и данскиот сервис ФЕ сè уште не ги коментираа последните извештаи во медиумите.

Слични содржини