Странски инвестициски фондови почнаа да купуваат станови, што најверојатно ќе доведе до пораст на цените. Покрај растот на цените, се очекува зголемување на бројот на економски работници кои доаѓаат во државата. Градежните експерти посочуваат дека важно е да се знае дали становите се купуваат за продажба на домашниот пазар или за издавање, бидејќи тоа ќе влијае на достапноста и на долгорочните ефекти врз пазарот.
Градежниот експерт, Никола Велковски за „Локално“ вели дека купувањето на станови од странски инвеститори ќе влијае врз зголемување на цените на новоизградените станови кои ќе станат уште понедостижни за македонските граѓани.
-Токму кога цените почнаа да се стабилизираат, со оглед на тоа што понудата ја задоволи побарувачката се појави информацијата за купување на 250 стана од дански инвестициски фонд, што не е мал број. Купување на уште станови од страна на овој Фонд, не само што ќе ги зголеми цените на становите со оглед на тоа што сега е намален бројот на квалитетни градежни парцели во Скопје туку ќе го зголеми интересот за градење станови кај инвеститорите, изјави Велковски.

Никола Велковски; Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ 24
Тој смета дека ова ќе ги „полакоми“ инвеститорите да инвестираат во изградба на нови станови и ќе ги крене цените. Можеби данскиот фонд може да се носи со тие бројки, но за нашите купувачи цените се превисоки. Од друга страна, зголемената изградба на нови станови ќе го намали квалитетот на живот во Скопје. Поради тоа, Велковски смета дека Градот Скопје и општините треба да ги преработат ДУП-овите и дел од површината наменета за изградба на станови да пренаменат за јавни површини, односно истите да неможат да се даваат на инвеститори за изградба на згради.
-Голем дел од купувачите се водат од идејата да ги издаваат овие станови. Данскиот инвестициски фонд сигурно имал информација дека во Скопје ќе доаѓаат повеќе економски работници од други земји на кои ќе може да им ги издаваат овие станови. Како тргнала работата ќе станеме како западноевропските земји и кај нас ќе има повеќе работници од други земји отколку од Македонија, додава Велковски.
Во исто време, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, јавно посочи дека има неофицијална информација за дански фонд кој купил 40 станови во згради во изградба, недалеку од Центарот и оцени дека ваквите купувања се водени од очекување дека цените ќе продолжат да растат, иако тоа, како што подвлече, не е гаранција.
Познавачите на пазарот на недвижнини велат дека цените нема да се стабилизираат на краток рок доколку државата не интервенира. Можностите за интервенција се ограничување или забрана на краткорочното издавање, како што прават многу европски градови, или покачување на данокот на имот за секој нареден стан на некој сопственик што не служи за живеење.
Б.С.