Даштевски: Не ја добив оваа функција бидејќи Мицкоски ми исполнува ветувања, не сум партиски член на ДИК

од Nikola Popovski
195 прегледи

Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) денеска дадоа свечени изјави пред претседателот на Собранието Талат Џафери, што се поклопи со истекот на мандатот на сега веќе, минатиот состав на Комисијата. Новиот претседател на ДИК, Александар Даштевски, кој е избран на предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека е добро што сè се завршило навреме и вети стручно и професионално работење на Комисијата.

Тој негира дека оваа функција ја добил затоа што му помогнал на поранешниот премиер Никола Гревски да добие азил и затоа што актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски исполнува ветувања кон него.

„Може да се каже дека јас сум нај не-партиски од сите, бидејќи јас ниту сум член на едно тело на комисија или партија, ниту сум дел од некои активсноти. Тоа е само во делот на изборот, највероватно верувале дека работам добро и ќе сработам добро“, вели Даштевски.

За тоа дали новиот состав на ДИК ќе иницира одредени измени на Изборниот законик, Даштевски изјави дека тие не се во таква улога и оти тоа треба да го направи Собранието кое ги носи законите и оти Изборниот законик и другите закони поврзани со изборите ги договаат политичките партии.

„Доколку дојде до некој таков процес ние можеме само да помогнеме со наши совети кои ги имаат колегите од искуство и јас како поранешен член исто така“, рече Даштевски.

Во Комисијата има четворица нови и тројца членови од претходниот состав, на кој мандатот му заврши токму денеска. Смената во составот на ДИК беше иницирана пред неколку недели на предлог на група пратеници од неколку партии. Ни при овој избор не беше прифатена препораката од Европската унија за професионализација и департизација на ДИК.

Слични содржини