Добро е што најпосле добивме закон со кој се заменува укинатиот механизам „балансерот“ и со тоа се пополнува правната празнина. Сакам да го делам оптимизмот на претставниците на власта, особено на ВЛЕН, дека „за прв пат правичната застапеност се регулира со закон“. Меѓутоа, и во најдоброто нешто, во политиката ќе се најдат опоненти кои ќе најдат некоја маана, а во овој закон има многу нејасни нешта, за да кажеме дека уставно загарантираното право, и ќе се оствари, вели во разговор за „Локално“, политичкиот аналитичар Даут Даути за предлог-законот за соодветна и правична застапеност кој пред три дена беше усвоен на владина седница.
Законот засега е само предлог кој ќе оди во понатамошна верификација во Венецијанската комисија. Даути смета дека подобро ќе беше да се изгласаше во Собранието, да се видеше практичната примена и ефектите, а потоа, доколку имаше потреба, да се испратеше на мислење.
-Сега можеме да судиме само по самото слово на законот, а не и како тој функционира во пракса. Во оваа меѓувреме на хронична недоверба на опозицијата, имаме правна празнина каде што никој нема механизам за контрола на вработувањата, а во медиумите беше пишувано голем број случаи на вработувања каде се руши постигнатата досегашната процентуална застапеност, ситуација која настана со укинувањето на „балансерот“.
Кога сум пишувал порано на оваа тема, моја теза била дека требало само да се елиминираат злоупотребите на балансерот во практиката, а тоа не ќе беше тешко, доволно ќе беше наместо лажните изјави за припадноста(која беше злоупотребена не само од Албанците, туку и од Македонците и сите други, со взаемна согласност меѓу самите партии од власта) да се замени со валиден документ од МВР или Завод за статистика, оценува соговорникот.
Новиот закон во принцип, додава Даути, поаѓа од етничка структура на населението, но сигурно во практиката ќе преовлада принципот на професионалноста, која во пракса ќе доведе предност да имаат партиските кадри на повлијателните партии од власта, што значи, малку од стручноста.
-Згора на тоа, тоа владино тело кое има обврска еднаш годишно да се состане, што ќе направи ако констатира дека некаде се прекршени законските норми, ќе казни некого, прашува аналитичарот.
За противењата од опозицијата, пред се од албанскиот блок, Даути тврди дека Европскиот фронт и ДУИ и да е совршен законот, би кажале некоја забелешка, а за ваков закон, сигурно имаат многу нешта да кажат, поради тоа што не само тие, туку и дел на медиумите и интелектуална јавност кај Албанците не се наклонети кон новите законски решенија, поради многуте нејасни или (не)предвидливи ефекти.
-Законот не мора да ги задоволи сите апетити, туку само требаше да биде базиран врз уставната категорија на правичната застапеност во државната администрација. Кај нас етничката застапеност често се доведува во спротивност со принципот на стручноста, што е априори клише или предрасуда, која во себе носи токму антиуставна оценка дека кај една етничка група кандидатите за вработувања се неспособни и некомпетентни, во однос на друга. Тоа во праксата не е така, бидејќи злоупотребата била во изборот на партиски кадри и од едните и од другите партии, каде што често компетентноста била на втор план, нагласува Даути.
Тој објаснува дека главната причина зошто беше укинат „балансерот“ не беа самите злоупотреби, а тоа го знае Европскиот фронт и ДУИ, туку застапеноста на Албанците, која на одредени политички сили и интелектуални и медиумски кругови не им е по волја оти тие мислат, како што вели, дека „Албанците добиле многу повеќе над „вистинското“ учество во населението на Македонија бидејќи си имаат нивни „статистики“ и не им веруваат на официјалните податоци“.
-Заробеници на такви тези за жал се и сегашните македонски партии на власт. Јас често велам дека ние се враќаме назад, спорејќи некои постигнувања кои ја зацврстија внатрешната кохезија, и оваа со законот, повеќе ми изгледа како тенденција за враќање назад за оспорување, како што велат од Европскиот фронт, на Рамковниот договор. Би бил многу задоволен да сум во грешка и законот да ги демантира сите негови оспорувачи, рече аналитичарот.
Н.П.