Давитковски: Оданочувањето на хонорарите директно ќе се одрази на високото образование

од Vladimir Zorba

Професорот Борче Давитковски не штеди зборови на критика во однос на планираните даночни реформи.

Погрешни се, тврди катергорично, споредувајќи ги со решенијата од пред 7-8 години кога според него, не резултирале со каков било позитивен ефект.

„Секогаш кога Владата е во криза пристапува кон даночни реформи. Вакви се предлагаа и пред седум-осум години и траеа само два месеца, направија хаос во стопанството и  меѓу авторите“, вели Давитковски за „Локално“.

Особено се осврнува на давачките на авторските хонорари кои во тој период  предизвикале, како што вели, откажување на научно истражувачки проекти, ефект што тој и сега го очекува со намерата да се плаќаат придонеси за договорите на дело.

Пред повеќе години кога тогашната Влада ги воведе давачките на авторските хонорари од 10% данок се предвидоа сите давачки ( даноци и придонеси како за плата, околу 50%),  и тоа директно се одрази на високото образование  (откажување на научно истражувачки проекти и  ангажирање на магистерски и докторски студии за  кои надоместокот  по правило се плаќа како авторски хонорар).Истото се случи во енергетиката и  во градежништво, каде инженерскиот кадар  добива авторски хонорар .Идентично е и во културата каде  актери, пејачи, ликовни и музички уметници добиваат  хонорар, но и во  медиумите и други слични професии“, вели Давитковски.

Остар е  и во однос на  предвидениот данок од 10% на штедните влогови.

Ем каматата е никаква , ем банките дебело печалат на штедните влогови кои ги дават како кредити под значително повисоки камати од што плаќаат за нив. Ова може директно да се одрази на штедните влогови ( 5-6 милијарди евра) кои граѓаните можат и треба да ги повлечат, со што банките би останале без реални пари, а државата без пари од данок на штедни влогови“, заклучува Давитковски.

Намерата да се плаќаат придонеси за договорите на дело претходно за „Локално“ ja критикуваше и економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт.На тој начин според него, се нaметнуваат нови давачки за хонорарците кои немаат работен однос, а не се зголемуваат даноците на тие со високи плати.

Не можеме да зборуваме за праведен данок ако сакате да даночите хонорарци кои едвај крпат крај со крај , а не сакате да даночите милионери. Ако не се воведе прогресивен данок и на личен доход , и на добивка, а се воведат продонеси на хонорарците, тоа ќе значи дека со оваа реформа всушност ќе се даночат сиромашните, а не богатите , и тоа ќе има катастрофални економски и социјални последици“, изјави Јовановиќ во интервју за „Локално“.

К.В.С.

Слични содржини