Универзитетскиот професор Борче Давитковски се согласува со по кој знае кој пат искажаната критика од страна на евроамбасадорот Дејвид Гир дека македонската јавна администрација е гломазна и партизирана. Давитковски отворено се сомнева дека администрацијата може да биде квалификувана, стручна и во служба на граѓаните особено не со предложените решенија за реорганизација на секторот. Веќе имаме најави дека во некои министерства ќе се спојуваат инспекторати, дека агенции ќе се припојуваат кон дирекции… Тоа е палиативно решение. Така реформа не се прави. Реформа се прави така што ќе се гледа големата слика, ќе се види каде има преклопување на надлежности. Според мене вистинската реформа би траела 3-5 години ако сакаме и ако има политичка волја инаку со палиативни решенија, нема реформа, вели во кусо интервју за Локално, Давитковски.
Полн со фалинки како што вели тој е и предложениот Закон за плати. “Се измешаа лончињата во Македонија” дециден е Давитковски, “бидејќи различни категории функции и работни места сакаме да ги ставиме во еден Закон”. Според него невозможно е платите на избрани и именувани лица да се изедначат со оние чија плата се пресметува по систем на образование, на стручност и компетентност а притоа платата на претседатело да се смета за максимална. Кај нас е проблем што стручноста и компетентноста во јавните установи воопшто не се почитува. На пример се става директор на ЈП а тоа работи со загуба.Не може такви директори да имат 3-4 плати повисоки од претседателот а да бидат неуспешни а претпријатијата со години да работат со загуба. Јал не јал тој има плата со коефициент 3,5, него го поставила Владата таму,има менаџерски договор и за него се бараат други компетенции, не се бира со конкурс туку таквите политичките партии однапред да си ги определуваат, објаснува Давитковски.
Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера ги повтори критиките во однос на гломазниот државен апарат.Рече дека на Македонија и треба стручна, независна и професионална, а не партизирана администрација која не може да одговори на потребите на граѓаните.Како го коментирате ваквото укажување во услови кога почнува реализација на проектот за рационализација на јавниот сектор?
Ние во Македонија тешко можеме да добиеме стручна и квалификувана администрација особено што во последниве 15 год. целата администрација е толку партизирана што целата е во функција на извршната власт а не е сервис на граѓаните. Би требало да се направи многу, многу сериозна и коренита промена за да се надмине оваа постоечка ситуација. Веќе имаме најави дека во некои министерства ќе се спојуваат инспекторати, дека агенции ќе се припојуваат кон дирекции… Тоа е палиативно решение. Така реформа не се прави. Реформа се прави така што ќе се гледа големата слика, ќе се види каде има преклопување на надлежности. Има неколку министерства како на пример министерството за транспорт и министерството за екологија, кое впрочем е вештачко министерство формирано во 90-тите години, кое се оддели но функциите не се поделија. Потребна е сериозна анализа за да се поделат функциите, да се види кои органи во состав треба да останат а кои органи треба да се спојат. Во Македонија во моментов има 1324 органи, дел се класични органи на управи, дел се регулаторни тела и парадржавни органи. Ваквата состојба е неодржлива и македонскиот буџет ова не може да го издржи. Друг пример е предлогот да се спојат пазарниот и инспекторатот за техничка контрола. Толку пари земени од Европа да се потрошат само за палијативни решенија е смешно бидејќи на тој начин не се решава проблемот. Не треба пилот проект, треба да се види големата слика, да се исфилтрира законот за организација, да се види дали и кои министерства ќе постојат, дали ќе има органи во состав, дали ќе постојат агенции и врз основа на тоа да се почне со редење на коцките, да се прави органограмот на сите нивоа во Македонија, со издифенцирани надлежности. Сега имаме 13 државни инспекторати кои се во Законот за организации и уште 17-18 инспекторати формирани со леkспецијалис.Последниот таков е законот за јазици, законот за млади и спорт, со свои инспекторати кои всушност се вештачки инспекторати.Сите органи во состав треба да се лоцираат и да се види дали ќе имаме еден инспекциски орган, дали секое министерство ќе има свој инспекторат…тоа е стратегија која треба да се обмисли на сериозен начин. Прво да се утврди концепот, па врз негова основа да се направи акциски план, а потоа кои прописи да се сменат. Според мене вистинската реформа би траела 3-5 години ако сакаме и ако има политичка волја инаку со палиативни решенија, нема реформа.
Која е крајната цел на реорганизацијата на јавниот сектор, дали сето ова се прави во насока да се намали бројот на директори а со тоа и до намалување на трошоците?
Тоа ништо не значи. Намалување на бројот на директори, значи да се намали бројот на органи. Раководната структура. Бројот на вработени во класичната државна админстрација, во министерствата и локална самоуправа е околу 17 000 вработени од кои 10 000 се во државната и 7000 во локалната.Таму кубуриме со кадар и таму треба да се вработува. Бројката од 130 000 ја прават вработените во здравство, наука, ЈП, ТД, АД во државна сопственост. Во здравството има 22000 вработени од кои 12 000 се во бели мантили, а 10 000 се администрација или во образованието со 40 000 вработени пола да се администрација а пола да се даватели на услуги, учителки, наставници, универизтетски професори.Тука треба да биде фокусот на реформите, да се обмисли, да се издиференцираат надлежностите и да се крати.По мене од тие 130-140 000 вработени , 30 % би можело да се редуцираат и да се растерети буџетот.
Предложениот Закон за плати предизвика многу реакции во јавноста. Синдикатот излезе со низа негативности околу делот што тој ќе предвизика меѓу вработените особено со можноста за укинување на колективните договори.
Се измешаа лончињата во Македонија. Имаме избрани и именувани функционери кои примаат плата на коефициент.На пример, Претседател на држава има коефициент 5, министер има 3,7, премиер 4. Сите што се избрани на непосредни избори, како пратеници, претседател, се една категорија. Другите се именувани од влада и тие се на коефициент од 3-4,5. Друга структура се тие што работат во јавни установи и претпријатија и за нив се бара образование, искуство, успешност и имаме вршители на услуги, професори, наставници, лекари и др. И трета категорија е класична администрација за која се бара образование, искуство, напредување.Ние сега сакаме сите овие 3,4,5 категории кои постојат да ги ставиме во еден закон и да кажеме дека никој не може да има поголема плата ( коефициент 5) како што има претседателот.Тоа е невозможно. Нивните плати се пресметуваат по еден систем на коефициенти а на другите по систем на образование, на стручност и компетентност. Кај нас е проблем што стручноста и компетентноста во јавните установи воопшто не се почитува. На пример се става директор на ЈП а тоа работи со загуба.Не може такви директори да имат 3-4 плати повисоки од претседателот а да бидат неуспешни а претпријатијата со години да работат со загуба. Јал не јал тој има плата со коефициент 3,5, него го поставила Владата таму,има менаџерски договор и за него се бараат други компетенции, не се бира со конкурс туку таквите политичките партии однапред да си ги определуваат.Ти ќе бидеш директор на ПИОМ, ти на ова министерство, агенција и АД, толку заменици ќе имаме ваму-таму,.. пазарење какво што сега се прави со влез на Алијанса. Како може тоа? Ни се знае конкурс, нистручност ниту компетентност а ставате луѓе на таква позиција? Градоначалник има коефициент 4, а може да биде без школо. Имавме таков пример, со четврто одделение а имаше коефициент 4 и никој не може да го разреши .И сега барате тој да биде изедначен со универзитетски професор, не му се бара образование, се бира на непосредни избори, ја добил власта и толку.. Не водиме сметка за специфичностите. Има 4-5 категории луѓе кои по разни основи примаат плата и ако сега вие нив ги изедначите ќе биде калијаматијас од разно-разни категории каде максимумот е платата на претседателот. Ние имаме контролни тела како на пример МНАВ кои работат согласно европски стандарди и нормално е да имаат поголеми плати. И сега ќе му речете нема да земаш 2000 евра туку 500 , па ќе ги изгубиме луѓето, авиони ќе ни паѓаат како крушки..
Има некои стандарди кои не смееме да ги пренебрегнеме. Башка што голема мана на Законот е што постоечките колективни договори во јаниот сектор, се предвидува да може со еден клик да се избришат, да не постојат. Колективниот договор има сила на Закон. Ако му измине рокот или ако се согласат министерот и синдикатот, тој може да се измени, но во спротивно, за тоа е надлежен само Уставниот суд. Не може вака со една норма да се анулира Колективен договор. Ќе се дерогира системот и сите вработени ќе ги сведат на еден закон. Тоа е недопустливо.
К.В.С.