До кога „неработници“ во администрацијата по правило нема да одат на работа, а ќе земаат плата?

„Низ разговор знаеме да кажеме дека од 100 вработени, само 20 работат“: Врз која основа и анализа министерот дојде до бројката од 40% „неработници во администрацијата?

од Nikola Popovski
307 прегледи

Европската комисија со години наназад внимателно ги следи состојбите во јавната администрација и борбата против корупцијата, две теми во делот на извештаите за напредокот наречен „фундаменти“ кои се од клучна важност за приближување на Македонија кон Унијата. Врз основа на индексите на корупцијата во државата и јавните перцепции за недоволна ефикасност и ефективноста на јавната администрација заклучокот е дека резултати нема.

Министерот за јавна администрација, Александар Минчев пред три дена ги презентираше клучните резултати и реформски потези кои, како што рече, ја поставиле основата на новата култура на управување во јавниот сектор. „Формирањето на Министерството за јавна администрација не беше бирократски потег. Тоа беше политичка порака. Порака дека веќе нема место за партиски вработувања, за нефункционални институции, за тајни договори и за неучење“, изјави Минчев, нагласувајќи дека јавната администрација повеќе не смее да биде „заштитена зона за привилегирани поединци“, туку сервис на граѓаните. Тој притоа соопшти дека дури 40 проценти од административците – или ништо не работат, или бараат начин како да не дојдат на работа.

„Една групација од 25, 30 отсто која го носи товарот на инстутуцијата и работи нон стоп. Втората групација од некаде 25 до 30 отсто која е вклучена во процесот но не го дава максимумот  и третата групација која е 40 проценти и е резултат на партиски етнички роднински вработувања и не работи ништо или се обидува да не дојде на работа.  Овие кои што не работат сакаме да ги вратиме во процесот,  да ги едуцираме, да ги обучиме по нивна волја демократски да одберат каде да дадат допринос. Што значи нема веќе плата ако не работиш“, порача Минчев – нешто чуено повеќепати досега, а не се применува.

Дали е реалната бројката и што значи за една држава 40 отсто „неработници“ во администрацијата? 

Универзитетскиот професор Борче Давиткоски во разговор за „Локално“ вели дека е добро што за првпат еден министер се одважи да ја каже вистинската бројка на неработници-партиски војници кои по правило не одат на работа, а земаат плата. Според него, иако битните закони за јавната администрација се во собраниска процедура, сепак не е предвиден еден радикален рез за проценување на сите вработени во администрацијата со што ќе се видеше и нејзината вистинска образовна структура, а со тоа и капацитетите на постојните вработени.

-Вака, согласно важечките прописи тешко ќе оди отстранувањето на неработниците освен со отказ ако 3 дена не се појават на работа. Нашите закони за јавна администрација ги штитат службениците како бели мечки. Нема простор нестручни и некомпетентни службеници да ги отстраните од работа!?, констатира Давитковски во разговор за „Локално“.

Борче Давитковски

Сепак, смета дека е добро што се отвараат вистинските проблеми во јавната администрација, а со тоа се надева дека ќе отпочнат и вистински реформи во овој најкритикуван сектор.

– Исто така, очигледно постои и политичка волја за надминување на постоечката состојба. Добро е што на почетокот на мандатот се прават напори за вистински реформи. Се надевам,дека нема да ја полнат администрацијата со свои партиски војници, бидејќи ќе биде како да си пукаат во нога, што директно ќе се одрази на следните парламентарни избори. Имаат уште 3 години да го спроведат ветеното, а иднината ќе покаже дали Владата била сериозна за решавање на проблемите во јавната администрација или не, оценува Давитковски.

Од друга страна, Јулијана Караи, која е виш истражувач при Институтот за европска политика и експерт за јавна администрација тврди дека не знае како е дојдено до бројката од 40% неработници, но емпириски, од она што го гледаме во секојдневната работа и соработката со институциите, најангажирани и обременети се мал дел од вработените, но вели дека не би шпекулирала со конкретна бројка, иако низ разговор знаеме да кажеме дека од 100 вработени, работат само 20.

-Сепак Министерството за јавна администрација веројатно располага со овој податок, како надлежно министерство за координација на целокупната реформа на јавната администрација и баш би сакала да видам како е дојдено до оваа бројка, доколку постои некаква анализа. Бидејќи официјален податок немаме не би можела да кажам дали бројката е ублажена. Исто така, не би можела да знам дали Владата има план да се справува со „неработниците“, иако тоа би бил добар потег имајќи предвид дека токму јавната администрација, нејзината работа, подготвеноста да се носи со предизвиците, односно услугите кои ги испорачува и нивниот квалитет се огледалото на државата, истакнува Караи во разговор за „Локално“.

Јулијана Караи

Запрашана дали се отвора простор со ова да се донесат нови партиски ботови по институциите или во Македонија ќе видиме јавна администрација по европски терк, соговорничката истакнува дека можност да се донесат партиски кадри секогаш постои, а исто така и кај сите власти постои декларативна желба и волја да се надмине овој проблем, односно сите ја нагласуваат потребата за администрација заснована на мерит, односно заслуги и дека токму сега со нивното доаѓање на власт ќе започнат вистински реформи и овој децениски проблем ќе биде решен, ќе се донесат нови законски решенија кои ќе ја подобрат состојбата во администрацијата, а со тоа ќе ја направат ефикасна и ориентирана кон граѓаните.

-Но, да не губиме надеж, можеби токму спроведувањето на Инструментот за реформи и раст на Европската Унија ќе не’ мотивира да го сработиме ветеното и граѓаните конечно да имаат можност да ги почувствуваат продобивките и тоа во сите области, не само во оваа, рече Караи.

Н.П.

Слични содржини