Деаноски, УПОЗ: Никој не дава предлози или начин како да се мери продуктивноста – дали сите функционери треба да заслужат зголемување на плата од 78% и колку се тие продуктивни?

„Во минатото бевме „вмровци“, сега сме „комуњари“, а едно време бевме ДУИ - тоа кажува дека сме на прав пат и дека работиме за работниците“, вели првиот човек на УПОЗ за „Локално“ за етикетите од власта

од Nikola Popovski
29 прегледи Трпе Деаноски; Фото: Принтскрин/Фејсбук/ТВ 24

„28-ми јануари е денот кога зборуваат работниците“ – Сојузот на синдикатите на Македонија вчера излезе на протест за повисоки плати. „Нема да дозволиме игри со работничката мака, сакаме поголеми плати“. Бараат зголемување на платите за најмалку 6 илјади денари, а минималната да достигне 600 евра. Маршот почна од зградата на ССМ, преку Собранието и заврши пред Владата. Најавија дека ќе ги блокираат институциите и ќе донесат одлука за генерален штрајк, првпат во историјата на државата во приватниот сектор. За обвинувањата дека протестот е политички монтиран, посочија дека денеска ги собрала маката, а не политиката.

Од Владата пак остануваат на ставот дека не се против зголемување на платите, туку дека ќе ја почитуваат секоја одлука на работодавачите. Сепак, премиерот Христијан Мицкоски вели „целта на синдикатите не е покачување на платите, туку политичка пресметка“. Според Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), на премиерот му е многу јасно дека во Синдикатот нема политика освен политиката за обезбедување на поголеми плати за вработените, без разлика дали е тоа приватниот или јавен сектор. Како што посочува соговорникот за „Локално“, таквите изјави на премиерот се само за дефокус на јавноста и да се отргне вниманието од главниот проблем – ниските плати, не само минималната туку сите плати, особено во јавниот сектор кои се под секое достоинство.

Од власта упатија и етикети дека синдикатите служат како „алатка за политичка пресметка со нив“. Според Деаноски, ова не е првпат да се случува.

-Во минатото бевме „вмровци“, сега сме „комуњари“, а едно време бевме ДУИ. Етикетите од партиите, поготово од власта, секогаш ќе ни се придаваат. Нè радува тоа што едните викаат дека сме вакви, а другите викаат дека сме такви. Тоа за нас кажува дека сме на прав пат, дека работиме за работниците и за обезбедување на поголеми права за работниците, вели првиот човек на УПОЗ.

Околу оправдувањето за стагнирањето на минималната плата поради, како што велат, немањето продуктивност и дали така Владата всушност работи за големите бизниси, Деаноски посочува дека е точно како Владата работи за големите бизнис. Вели дека таа продуктивност ја слушаат цело време и од работодавачите и од Владата.

-Чудно ми е што ниту една Влада досега или пак работодавачите не доставија предлог за начин како да се мери продуктивноста. Едно е да се мери продуктивноста на работник кој работи на лента во фабрика и мора норма да пополни, а друго е да се мери продуктивност на работник кој работи на изготвување на закони, правилници, носење на судски одлуки…Мислам дека тоа им е алатка и начин како да се каже дека нашите работници не се продуктивни и поради тоа не ја зголемуваме платата. Никој не дава предлози или начин како да се мери продуктивноста. Јас сакам да ја прашам Владата и работодавачите како треба да се мери продуктивноста на функционерите? Дали сите функционери треба да заслужат зголемена плата од 78% и колку се продуктивни за да заслужат таа плата, прашува претседателот на УПОЗ.

Зошто борбата за подобар живот на работникот да се дискредитира како политичка манипулација? Според Деаноски, можеби е затоа што, како што вели, не сакаат и не умеат да изнајдат средства за да ја покачат минималната плата и платите на сите останати работници.

-Ние во администрацијата, седум години по ред имаме иста вредност на бод што е основна алатка за пресметување на платата. Пет години претходната влада и две години оваа влада никако да ја покачи вредноста на бод, а од друга страна, го слушаме премиерот како вели дека ние не сме сакале да се покачат платите во администрацијата, а тој сакал. Ако тој навистина сака, тоа е многу лесно да го направи преку закон, истакна Деаноски.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција најави поднесување на нови законски решенија за зголемување на минималната плата и замрзнување на платите на функционерите. Тој истакна дека новиот предлог-закон предвидува минимална плата во нето износ од 600 евра и дека е подготвен со цел да се одржи континуитетот на политики од времето кога, како што вели, СДСМ ја водеше Владата, кога платите, минималната и просечната, растеа континуирано, дури и во услови на економски кризи. За Деаноски, ваквите чекори се апсолутно неискрени и служат за добивање на политички поени на грбот на синдикатите и работниците. Тврди дека СДСМ ако сакаше тоа да го направи, имаше седум години кога беа на власт и можеше да го направи на било кој начин.

-Ние со СДСМ преговаравме пет години за да добиеме покачување од 10% на плата во јавен сектор, а никако да се покачи минималната плата на начин како што баравме ние. Во 2022 година имаше најголемо покачување на минималецот, ама сето тоа со петни жили се изборивме како синдикати. Не им беше потребно, не само на СДСМ туку на ниту една партија со вчерашниот протест. Само направија голема белја, а не направија никакво добро, заклучува претседателот на УПОЗ.

Н.П.

Слични содржини