Дебрани доследно ги почитуваат мерките на Владата

од Берта Китинска
349 прегледи

Дебрани и жителите на Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, доследно ги почитуваат мерките на Владата. Изминатото деноноќие на ова подрачје не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди.

Како што соопшти МВР, полициските службеници непречено ги реализираат мото-патролите низ градските средини и приградските населби, а успешно се одвива и процесот на извлекување на лицата кои во изминативе 14 дена беа во самоизолација и кои сега го напуштаат градот.

-На терен, без проблем се одвиваат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација. Во општините Дебар и Центар Жупа без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини, се наведува во соопштението на полицијата.

МВР апелира, граѓаните строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21 до 5 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно Кривичниот законик.

Слични содржини