Една од просториите на Интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје минатата недела кусо време останала без струја, изјавија од ГАК за „Локално“, по објавата на политичката партија Левица дека на клиниката без струја останала просторијата во која се инкубаторите со предвреме родените бебиња.
Од ГАК изјавија дека ноќта 28 март имало кус прекин на електричната енергија во една од просториите на Одделението за интензивна нега и терапија, каде во моментот се лекувале шест бебиња.
Од Клиниката уверуваат дека веднаш било постапено според протоколите и дека ниту едно бебе не било животно загрозено, а кислородната терапија и другата потребна поддршка продолжиле без застој.
Како што изјавија од ГАК животот на бебињата не бил загрозен, бидејќи инкубаторите имаат батерии, а се вклучуваат и генераторите кога има прекин на снабдувањето со струја.
-Клиниката располага со современ систем за напојување во случаи на рестрикција или прекин на струја, а медицинскиот персонал е обучуван и за справување со несакани ситуации од ваков тип. Во моментот на инцидентот во засегнатата просторија имало шест новороденчиња, додека на интензивна нега вкупно престојувале 48 бебиња. Нагласуваме дека персоналот бил постојано присутен и дека нема простор за вознемиреност кај родителите, соопштија од ГАК.
Е.Б.