„Премиерот Мицкоски изминатиот период беше под голем притисок поради повеќе причини. Жал ми е што слушам дека и тој станува жртва на некакви уверувања. Единствената вистина е дека нашата партија одлучи да настапи со посебни листи за советници на локалните избори“, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари, и најави дека наскоро ќе се сретне со премиерот за да му ја објасни, како што рече, вистинската слика околу последните случувања во Владата и околу одлуката на неговото крило на партијата.
Според него, токму оваа одлука предизвикала незадоволство кај дел од албанските структури во Владата, кои, како што вели, започнале да шират алиби и гласини.
„Не сакаме повеќе да бидеме дел од таа клима на сомнежи, шпекулации и заговори. За жал, дел од политичарите Албанци во Владата не можат да се променат – тие се производ на стар политички менталитет“, додаде Таравари.