Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да најдат решение за проблемот што го создадоа со блокадите на Скопје, кои со денови им го загорчуваат животот на граѓаните, побараа утрово од СДСМ.
Според владеачката партија, делумно повлекување на блокадата во главниот град не значи и решение за колапсот на јавниот превоз во Скопје.
-Градоначалничката, претседателот на Светот, мнозинството во Советот на Град Скопје, директорите и членовите на управните одбори на јавните претпријатија во Скопје сите се кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, во Белиот дворец наместо да играат игри, наместо да измислуваат конструкции и да ја избегнуваат одговорноста, треба да седнат и да најдат решение за колапсот на сообраќајот во Скопје, порачаа од СДСМ.
Од денеска од 10 часот приватниците ќе ги дислоцираат блокадите на крстосниците кај ТЦ Мавровска и зградата на Црвениот крст и ќе ги насочат исклучиво на булеварот „Илинденска“ пред Градско собрание, заземајќи ги двете ленти.