Демерџиев: Има податоци за бугарски државјани кои се спречени да влезат во Македонија, ќе видиме колку причините се оправдани

од Vladimir Zorba
148 прегледи

Околу 100-150 бугарски државјани се очекува да пристигнат во Скопје за да ја одбележат годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, изјави вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев за бугарските медиуми во Скопје. Очекува да се исполнат ветувањата на овдешните власти дека бугарските граѓани кои сакаат да дојдат во Скопје ќе бидат примени непречено.

Во бугарската делегација, која ќе положи цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас, се и министерот за здравство Асен Меџидиев и заменик Министерот за внатрешни работи Венцислав Катинов.

„Има податоци за бугарски државјани кои се спречени да влезат во Македонија, не знам колку се систематски. На крајот на денот ќе имам информации и колку се оправдани причините за тоа“, рече министерот Демерџиев во одговор на прашање на БТА.

„Има список со имиња на бугарски државјани кои нема да бидат примени, но не е голем“, прецизира Демерџиев и повторно посочи дека поцелосни информации за организацијата создадена за минување на бугарските државјани на граница и колку таа ги исполнува обврските од властите во Северна Македонија ќе бидат достапни на крајот на денот.

Демерџиев планира да ги пречека оние Бугари кои сакаат да положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев, за да може заедно со нив да ја одбележи годишнината од раѓањето на Делчев.

„Гоце Делчев е личност која припаѓа на историјата и почитта кон таква личност не може да се изрази со насилство. Почитта се изразува со почит. Насилството уништува мостови и ако сакаме да бидеме дел од Европа, мора да градиме, а не да уништуваме“, потенцира Демерџиев и ги повика политичарите да не подлегнуваат на провокации.

Под засилени безбедносни мерки денеска во Скопје се одбележува 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Делегациите ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев, кој се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Во име на властите во Република Северна Македонија, цвеќе ќе положи претседателот Стево Пендаровски, а владиниот дел од делегацијата ќе го предводи премиерот Димитар Ковачевски, а во неа ќе биде и првиот заменик претседател на Владата одговорен за координација на политички прашања и министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Властите во земјава уверија дека се преземени сите мерки најавените делегации кои сакаат да се поклонат пред гробот на Гоце Делчев тоа да го сторат во мирна атмосфера, дека нема да се дозволат никакви инциденти, но и „навреди кон македонскиот народ и држава или однесување кое ги нарушува чувствата на македонските граѓани“.

Слични содржини