Функционална држава, држава каде судството, јавното обвинителство и полицијата ќе работи во интерес на граѓаните, а не во интерес на криминалците. Да се врати украденото од народот, да се донесе една изборна единица со отворени листи, да се намали бројот на пратеници во Собранието, да се креира светско здравство, економија, образование, наука, иновации. Да добиваат помош старите, сиромашните, луѓето со посебни потреби, самохраните родители. Животна средина каде ќе дишеме чист воздух, се дел од заложбите на политичката партија Демократи кои би ги исполниле доколку добијат можност по парламентарните избори што ќе се одржат на 15 јули годинава, во интервју за МИА објаснува претседателот на Демократи , Јорго Огненовски.
– Ние како политичка партија сме против национални политички партии, ние не препознаваме македонска, албанска, бошњачка, ние велиме партиите во Македонија треба да бидат партии на Македонија, каде сите граѓани ќе учествуваат. И тие, како партии на Македонија, граѓански партии, треба да работат за доброто на сите граѓани и на државата, посочи Огненовски.
Како главен приоритет доколку добијат можност по изборите ги наведе економијата и здравството. Посочи дека ќе изградат десет клинички центри помали, современи, низ целата земја за да не мора граѓаните од другите градови да доаѓаат до Скопје, затоа што, како што нагласи, понекогаш се работи за минути и секунди да спасиш човечки живот. Во насока на подобрување на економската состојба во државава, Огненовски, смета дека е потребно да се градат фабрики и фирми каде се ќе се произведува во финален производ.
Во земјава, смета тој, е креирана криминална политичка структура која се инфицира, и го инфицира судството, полицијата, царината, јавното обвинителство.
Очекува граѓаните да излезат да гласаат, за, како што истакна, квалитет, за чесни луѓе, со богата биографија, луѓе кои не биле политичари и не учествувале на каков било начин во уништувањето на државата.