Европската Унија создаде јаз во политиката кон Северна Македонија и Албанија. Вака грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас во интервју за радиото „Тема фм“ го коментира оставањето на чекање на двете земји, бидејќи како што вели тој, чекањето не е политика, ниту пак некаква позиција.
Дендиас вели дека на утрешната средба со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе се информира токму на оваа тема и истакна дека Грција разговара и со Италија и со Германија, бидејќи ЕУ перспективата на земјите од регионот, за Атина е директно прашање, но додава и дека е потребна внимателност.
„Ние сме многу внимателни, затоа што не сакаме неуспеси. Знаете, да поставиш една тема на еден совет, ја поставуваш во кој момент сакаш, никој не те спречува. Прашањето е што ќе се случи. Затоа што ако се повтори „не“, тоа не те враќа назад во почетната точка на дискусијата. Тоа те враќа многу порано и во многу полоша точка. Затоа, сакам да разговарам со двајцата, да видам како им изгледа ситуацијата, што прават, каква е внатрешната состојба, да ме известат“, вели Дендиас за утрешната средба со Заев и Димитров.
Според него, потребно е правилно спроведување на Преспанскиот договор, бидејќи како што вели, ниту една од страните не може во рамките на меѓународното право да помисли да говори за невалидност на Договорот. Шефот на грчката дипломатија потенцира дека секоја земја како што има минато, сегашност и иднина има и континуитет и мора да ги почитува договорите.
За евентуална промена на власта кај нас, Дендиас како пример споменува дека и во Грција се смени Владата, а актуелната нема „апсолутно поклопување со позицијата на претходната влада за Договорот“, па и покрај тоа го почитува, и нагласува дека не постои можност за промена на името од Северна Македонија во Македонија.
„Ставот на грчката Влада е јасен, воопшто не постои никаква можност, баш никаква, да стане збор за промена на името на Северна Македонија. Што било друго што ќе го тврди кој бил од соседната земји, мислам дека е итро и не е ни прифатливо како основа за дискусија“, вели Дендиас.