По повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, сексуалните работници, здружени во СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, заедно со ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, ТрансФормА и Коалиција МАРГИНИ, во рамки на овогодинешната кампања „15 години колективен глас против насилството врз нас”, ќе го одржат петнаесетиот Марш на црвените чадори во Скопје.
Јубилејниот Марш на црвени чадори ќе се одржи на денеска со почеток во 12:00 часот. Традиционално, Маршот ќе започне на платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза на ул. „Македонија” и ќе заврши на плоштадот „Филип II”. Пред почетокот на Маршот, претставници на заедницата ќе дадат изјави за медиумите.
„Овогодинешната кампања ја посветуваме на 15 годишниот јубилеј, преку ретроспектива на изминатите маршеви на црвени чадори, на сите наши успеси, постигнувања, јавни пораки и барања, но и предизвици и проблеми со кои сме се соочувале низ годините во борбата против насилството и дискриминацијата.
Првиот Марш на црвените чадори беше одржан во Скопје на 17-ти декември 2008 година, во организација на здружението ХОПС и тогаш неформалната група СТАР-СТАР. Првите три години јавните протести на сексуалните работници беа симболични и се одвиваа без присуство на медиумите, што пак се должеше на стравот да излеземе во јавност и јавно да зборуваме за нашите проблеми и потреби. Но, од година во година станувавме се похрабри и погласни во борбата против насилството, стигмата и дискриминацијата и благодарение на Вашата медиумска поддршка овие јавни настани добиваа се поголема видливост. Повеќе не сме скриени во општеството и зборуваме во свое име“, велат од организаторите.