
Константин се смета за првиот христијански римски император. Преданието раскажува дека неговата мајка – царица Елена, оди на аџилак во местата каде што живеел Христос, изградила неколку манастири и го открива крстот на кој бил распнат Исус.
Царот Константин Велики и неговата мајка царицата Елена за нивните заслуги во признавањето и ширењето на хроистијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите. Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот владател на големата Римска империја што ја признал оваа вера.
Во нивна чест во центарот на Скопје е изграден храм. Првобинтиот храм бил граден пред и по Првата светска војна , а бил осветен во 1926 година. Во земјотресот во 1963 година црквата имала оштетувања кои не биле сериозни за да биде урната, но на почетокот на 1970 години храмот бил миниран за да се изгради Градскиот трговски центар.
Првобитно, возобновување било замислено црквата да се гради на неколку мери од старите темели, односно на самиот плоштад „Македонија“ во Скопје. Но, по бурните реакции и несогласувања на муслиманите и атеистите, локацијата била преместена непосредно до Домот на АРМ и недалеку од автентичното место на скопскиот плоштад. Осветувањето на темелите било извршено на 11 ноември 2012 година од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан во сослужение со митрополитот брегалнички Иларион и свештеници од Скопската епархија
.
На најголемата камбана стои натписот: „Во слава на пресветата и единосушна тројца, отецот и синот и светиот дух и во чест на светите рамноапостолни цар Константин и царица Елена, се излеа ова ѕвоно во летото на Христа 2014“, додека на второто по големина ѕвоно стои натписот: „Боже чувај ја татковината наша света македонска и нашиот благоверен народ“.