Денес е Ѓурѓовден

од Vladimir Zorba
582 прегледи
 
 
На 6 мај се празнува празникот  на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден. 

Се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Сите што се викаат Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка , денес празнуваат именден.

Свети Георгиј е погубен на 6 мај (23 април) според некои извори 303 година и секоја година на овој датум Светата црква го празнува споменот на својот Великомаченик. Освен овој празник нашиот народ го празнува и 16/3 ноември денот кога е обновен храмот на св. Георгиј и овој празник е познат како Ѓурѓиц.

Народни обичаи


Ноќта, наспроти Ѓурѓовден, некој од домашните ќе скине зелени гранки во најблиската шума и со нив ги закитува вратите и прозорите на куќите и останатите простории, како што се влезните порти и капии. Ова се прави (според христијанското верување) поради тоа да годината и домот бидат “бериќетни“ – “да има здравје, плодови и род во домот, полето, во трлата и шталите“.

Исто така се плетат венчиња од “ѓурѓевско цвеќе“: ѓурѓевка, млечка и други, и со нив се закитуваат влезните врати на дворот и куќата. Тие венци стојат над вратата цела година, до следниот Ѓурѓовден. 

Наспроти Ѓурѓовден, домаќинката во сад полн со вода става разни пролетни растенија: дрен, па потоа здравец и на крај грабеж , црвено јајце и пазикуќа, а потоа тоа се става под ружа во градината да преноќи. 

Наутро сите се мијат со водата: (според христијанското верување) децата – “за да бидат здрави како дрен“, девојките – “момчињата да се грабат за нив“, старите – “да бидат здрави“, домаќинот – “куќата да му биде добро чувана“.
 
Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.