Денеска на седницата на Владата, на дневен ред треба да се најде Законот за укинување на економските директори во здравствените установи, што беше најавено и од министерот за здравство, Арбен Таравари.
Со ист став и премиерот Христијан Мицкоски, кој веќе соопшти дека се укинуваат овие функции, истакнувајќи дека мора да има едно лице кое ќе биде одговорно пред граѓаните, а не како досега кога обврските се префрлувале и не се знаело точно кај кого се одговорностите.
-Вака бевме сведоци на префрлање на обврските и на одговорностите и практично не можевме да локализираме јасно каде е одговорноста. Сега, со овој потег, јасно ќе знаеме каде е локализирана одговорноста, рече вчера Мицкоски нагласувајќи дека во државава помалку ќе има над стотина функционери „коишто се на товар на граѓаните“.
Таравари најави ревизија на работата на сите клиники и нови смени на директорските позиции, но вели доколку утврдат дека некој директор добро си ја вршел работата ќе остане на функцијата. Фокус на министерството во селдната година, според министерот и натаму останува спојување на клинички, болниците и здравствените домови да се спојат во општа болница во секој град и дигитализација на здравството.
Таравари најави и дека оваа недела ќе почнат со нови назначувања на директорските места, освен на Клиниките за Токсикологија и Онкологија каде веќе има нови раководни лица. Поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити е нов директор на Неврологија, Андон Чибишев на Токсикологија. Таравари разреши и десетина економски директори, меѓу нив и Бесија Иљази од Клиниката за токсикологија. Вели приоритет ќе биде и решавање на состојбата на Онкологија. Најави и нови вработувања во здравството.