Денеска пресуда за убиството на ракометарот Тот

од Nikola Popovski

Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да биде објавена пресудата за случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.

Во завршните зборови на рочиште пред десетина дена, обвинителката Тања Трајчевска, побара тројцата обвинети да бидат прогласени за виновни бидејќи, според неа, во судскиот процес се докажало дека тие го сториле кривичното дело за кое се гонеле.

Оштетениот, посочи Трајчевска, бил доведен во нерамноправна позиција бидејќи бил нападнат од тројца кои му задале удари по виталните делови од телото, во пределот на главата.

Обвинителството ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

Одбраната, пак, побара ослободителна пресуда бидејќи според бранителите на тројцата обвините, никој од нив не ги задал ударите што биле фатални за хрватскиот ракометар, а обвинителството не докажало дека се исполнети „битијата“ за кривично дело убиство. Адвокатот на обвинетата Клементина Лефковска во завршните зборови рече дека таа била жртва на Тот и дека се бранела од неговото малтретирање.

„По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал“, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.

Слични содржини