Денеска Заев и Димитров ќе го информираат Иванов за договорот со Ципрас

од desk4
 Јасно противење со договорот изразија само опозиционерите, и Иванов кои се креатори за „античкото македонство“ и кочничари на досегашните преговори.

 

Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во 10 часот ќе го информираат претседателот Ѓорге Иванов за постигнатиот договор со Грција за спорот што оваа земја го има со уставното име на Македонија. Вчера Ципрас изјави дека е постигнат успех со прифаќање на грчките услови за географска одредница и ерга омнес, а Заев дека е зачуван македонскиот идентитет и јазик. Деталите од договорот следуваат денеска или утре.

Според официјалните изјави на двајцата премиери договорено е новото име на Македонија – Република Северна Македонија (Republic of North Macedoniia) кое ќе биде за внатрешна и надворешна употреба. Тоа подразбира и уставни измени. Македонскиот премиер вели дека македонскиот јазик во договорот ќе стои без фуснота, онака како што е потврден од ООН.

Во графата националност ќе стои македонска/граѓани на Северна Македонија (Macedonian/Citizens of North Macedonia).

Новото име ќе почне да се употребува откако договорот со Република Грција ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји. Грчкиот парламент тоа треба да го стори до крајот на годинава, а македонскиот по потпишувањето кое е можно да се случи веќе до крајот на неделава во Преспа. За домашна употреба новото име Република Северна Македонија ќе почне да се употребува постепено, како што ќе се отвораат поглавјата од преговорите за членство во ЕУ, но не подоцна од пет години од потпишување на договорот.

Во договорот во неколку делови јасно ќе стои дека се одвојува историјата, културата и наследството на античкото од словенското.

Промените во Уставот ќе треба да почнат да се спроведуваат по евентуален успешен референдум (крај на септември или почеток на октомври). До крајот на годинава Грција ќе треба да го ратификува и протоколот за полноправно членство на Македонија во НАТО.

Грција во јуни треба да испрати писмо до ЕУ и НАТО дека нема веќе пречки за евроатланските интеграции на Македонија. На 28 јуни Македонија треба да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија, а на 12 јули покана за членство во НАТО.

 

Јасно противење со договорот засега искажаа опозициската ВМРО ДПМНЕ и претседателот Горге Иванов, кои се креатори на „античкото македонство“ и кочничари на досегашните преговори. Несогласување изрази и опозициската Нова Демократија во Грција. Претседателот на Грција Павлопулос го поддржа договорот и чека негово спроведување.

Целата меѓународна јавност Брисел, Вашингтон, ООН , НАТО, сите соседи во регионот го поздравија храбриот чекор на двајцата премиери за иднината на регионот и порачаа дека тоа е пример дека и најтешките несогласувања и деценски спорови имаат решение ако  се седне да се преговара и разговора.

 

Слични содржини