Денков: Доколку македонските граѓани сакаат да бидат Европејци, треба да го исполнат договореното со ЕК

од Nikola Popovski
389 прегледи

Запрашан како Бугарија може да и помогне на Македонија за конечно да ги започне преговорите за влез во ЕУ, бугарскиот премиер Николај Денков во интервју за австриски „Стандард“ изјавил дека неговата влада не дозволува дебатите меѓу општеството на двете земји и политичарите да ескалираат.

„Доколку граѓаните на Република Северна Македонија сакаат да бидат Европејци, треба да го исполнат она што го договориле со Европската комисија“, посочил Денков, пренесува „БТА“.

Истакнал дека неколку сили се обидуваат да го прошират своето влијание на Балканот.

„Овде сме на раскрсницата меѓу Мала Азија и Русија и силите на Европа. Затоа мораме многу решително да се залагаме за нашите вредности“, рекол бугарскиот премиер.

Тој предупредил дека доколку земјите од Балканот не се придржуваат до европските принципи, владеењето на правото и меѓународното право како што ги дефинираат Обединетите нации, тогаш во регионот може повторно да избијат војни.

Тој нагласил дека ако една земја не ги следи правилата, тогаш „треба да биде изолирана од останатите“.

„Ова е случајот што го гледаме со Русија. Целосно е јасно дека Русија е агресор. Украина го брани својот народ“, рекол Денков.

Слични содржини