Изградбата на хотелот „Трамп Интернешнл“ во Белград требаше да биде лесна и успешна работа за семејството на американскиот претседател Доналд Трамп. Но, наместо тоа, проектот се соочи со неочекувани проблеми и контроверзии, а германскиот медиум „Дер Шпигел“ сугерира дека зад тоа може да стои одмазда од српскиот претседател Александар Вучиќ.
Според „Шпигел“, зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, бил главниот раководител на проектот. Ова било сметано како знак на добра волја од режимот на Вучиќ кон Трамп, со посредство на поранешниот американски амбасадор во Германија, Ричард Гренел, кој исто така бил специјален пратеник за дијалогот меѓу Приштина и Белград. За да им се овозможи изградбата, српските власти дури го промениле статусот на зградата на поранешниот Генералштаб – која претходно била заштитено културно наследство, но била оштетена за време на НАТО бомбардирањето. Меѓутоа, дојде до пресврт кога директорот на Републичкиот завод за заштита на културните споменици, Зоран Васиќ, призна дека документот со кој зградата ја изгубила заштитата бил фалсификуван.
„Дер Шпигел“ пренесува дека опозициски политичари во Србија ова го толкуваат како можна одмазда од страна на Вучиќ против семејството Трамп. Го поврзуваат тоа со неочекуваното откажување на посетата на Вучиќ на САД, кога тој се врати без да се сретне со Доналд Трамп, официјално поради „здравствени проблеми“.
Иако Вучиќ јавно тврди дека нема фалсификат, „Дер Шпигел“ оценува дека во земја со широко распространета корупција и каде што претседателот има речиси неограничена моќ, тешко е да се поверува во тоа. Сепак, медиумот додава дека под притисок од студентските протести, кои меѓу другото бараа стопирање на изградбата на хотелот на местото на поранешниот Генералштаб, може да се случи Вучиќ да ја изгуби контролата врз ситуацијата.
Проектот е од големо значење за семејството Трамп, што го потврдува и фактот дека Доналд Трамп помладиот, најстариот син на поранешниот претседател, три пати го посетил Белград и секој пат се сретнувал со Вучиќ.