Македонската јавност очекува да се донесе законот, кој е важен за европската иднина на земјата, вели на Јавната дебата за Законот за Јавно обвинителство Џабир Дерала од Цивил.
„Тоа е поважно и од изборите. Веќе предолго чекаме. Бараме криминалците да се соочат со Законот. Знаеме дека во преговорите од едната страна се пласира идејата за амнестија на случаите кои ги почна СЈО. Неприфатливо е професори по право да повикуваат на кршење на Уставот на Република Северна Македонија“, рече Дерала.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ бара уништување на бомбите и материјалите со законски одредби, барање кое како што бил информиран, е се уште на маса, давајќи комплименти на предлагачот на Законот, министерката за правда, Рената Дескоска.
„Носењето на Законот за ЈО е тест. Пред пратениците се наоѓа изборот, дали ќе ги поддржат интересите на земјата или ќе ги бранат интересите на политичари. Како јавност нема да го заборавиме крвавиот упад во Собранието, бидејќи само по тоа ќе го паметат вашиот пратенички состав“, им рече Дерала на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека ако се донесе Законот за Јавно обвинителство, оние кои се во предметите на СЈО требало да ги ангажираат најдобрите адвокати.
Кратко по неговиот говор коментираше Сотир Костов, кој рече дека требало да се реагира зошто Дерала ја промашил темата, на што претседателот на Комисијата за политички систем, Александар Кирацовски кажа дека вчера и професорката Тања Каракамишева ја промашила темата, па никој не реагирал.
А.Т.