Дерала: Се собираа поголеми групи партиски активисти на ВМРО-ДПМНЕ пред избирачките места

од Nikola Popovski

Општа оценка на изборниот процес според првичните резултати од досега обработените извештаи од мониторингот на ЦИВИЛ е дека имавме уште еден деликатен, но успешен, односно недовршен поради Државната изборна комисија (ДИК), демократски слободен и безбеден изборен процес во земјава, оцени на денешната прес-конференција претседателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала.

Тој им честиташе на граѓаните, за, како што рече, високата свест и политичката култура , како и за почитувањето на здравствените протколите за заштита од коронавирусот.

Изборниот ден, нагласи дека бил исполнет со тензии на повеќе места низ земјата, како и со голем број помали или поголеми пропусти, намерни или ненамерни, но и нерегуларности.

– Денот го одбележа, меѓу другите, и инцидентот во Тетово каде што во блиска средба се сретнаа советникот на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, и локалните полицајци. Тоа е се уште случај кој не е расветлен. ЦИВИЛ го осудува овој насилнички акт на советникот и воопшто очекува брзо решавање на случајот во интерес на законот и јавноста, посочи Дерала.

Дел од нерегуларностите, како што посочи тој, биле воочени во скопските општини Чаир, Бутел и Радишани каде се извикувано името на гласачите по неколку пати, партиски набљудувачи кои запишуваат и бројат, прашања во стилот „Дали комшиите излегле да гласаат?“.

– Се создаваа турканици, се собираа поголеми групи партиски активисти на ВМРО-ДПМНЕ пред избирачките места во повеќе делови на Скопје, Штип, Кочани и други места. Службени лица, поточно полицајци се јавуваа да пријават кои лица гласале, а кои не, се вклучија во кршењето на изборниот молк и во мобилизацијата на гласачите, додаде Дерала.

Избирачките одбори, како што рече тој, се носеле добро, гледано во целост, но денот го одбележале низа проспусти и во нивната работа.

– Посебно беше забележливо што во некои случаи ги кршеа протоколите, процедурите и изборниот законик, намерно или не оставаме и на јавноста да процени, но и на релеватните институции по евентуални истраги. Имаше и ситуации во кои токму избирачките одбори се вклучуваа во недозволени, вонзаконски активности, па така пред сите пристуни во избирачките места извикуваа кој број да се заокружи, во повеќе наврати бројот 9, односно ДУИ, а во неколу счучаи и сугестија беше забележана да се одбере бројот 14, односно ВМРО-ДПМНЕ, рече Дерала.

Тој вели дека мерките за заштита од коронавирусот во принцип се почитувале, со бројни помали или поголеми исклучоци.

– Може да констатираме дека што се однесува до избирачкиот список и до проблемите, сепак ова е далеку од една ситуација каква што беше во годините меѓу 2008-2014 кога ЦИВИЛ бележеше по 1000 и повеќе проблеми со Избирачкиот список. Се на се уште еден солиден изборен процес иако несосема довршен, далеку од идеален изборен процес, но со оглед на околностите со коронавирусот видовме дека многу лекции сме научиле, нагласи Дерала.

Во однос на Државната изборна комисија, тој рече дека тоа што се случува таму може да изгледа за многумина како наивен настан, но потенцира дека е ова голем скандал, бидејќи, како што вели, се работи за суштински проблеми кои се однесуваат на резултатот од изборниот процес. Додаде дека ЦИВИЛ донесе одлука да се направи анализа на работата на ДИК наназад со години.

ЦИВИЛ го набљудуваше изборниот процес со 314 акредитирани набљудувачи. Во моментов, како што соопшти Дерала, се обработуваат стотиците извештаи и информации кои дошле од терен од целата земја.

Слични содржини