Помеѓу двата изборни кругови на осмите по ред локални избори во Македонија, кога се давиме во тони несобрано ѓубре и смет од скопските контејнери , каде што десетгодишно дете беше гризнато од стаорец , а епидемиолозите предвидуваат ширење на зарази, и размножување на преку десет илјади глодари по скопските улици , треба да фрлиме бегол поглед и на изборните резултати од првиот круг на локалните избори, односно на освоените гласови на политичките партии и коалиции,како и тие на група избирачи (популарно наречени „независни листи“). Но прво да видиме што сум напишал по повод вчерашниот државен и национален празник , „Денот на македонската револуционерна организација“, ѓомити некаква борба за национално ослободување : „ѓубрето можеби ќе го исчистиме, стаорците може ќе ги снема. Но што правиме со функционерските стаорци по кабинетите овие 35 години? Наместо дератизација, ние од избори на избори , се повеќе ги размножуваме и гоиме. Да ви даде Господ Бог, сите празници вака да си ги дочекаме и славиме. Ништо помалку-ниту повеќе не заслужуваме. Дури би рекол: малку ни е . Македонецот, прво е дијагноза, па човек. За второто , почнувам и да се сомневам“. Брилијантно !
Горе –долу ја погодивме „утакмицата“ !
Што да се каже за првиот круг на локалните избори, освен дека нашите карикатурални политички елити, сите до една се прогласија за победници. Очигледно, но и реално, владејачката ВМРО-ДПМНЕ има право на тоа , бидејќи освоила повеќе од 30 општини, а нивната конкурентска СДСМ, само 3. Сепак, падот од над 140.000 гласови во однос на минатогодишните парламентарни избори, е сериозен аларм во оваа партија, дека многу брзо го губи стекнатиот легитимитет кај граѓаните. А што да се каже за кутрата се уште главна опозициска партија СДСМ? Освен убедливата и извесната победа во Општина Центар, на актуелниот и иден градоначалник Горан Герасимовски, за кого граѓаните убедливо гласаа во првиот круг, правејќи диференцијација меѓу неговата работа (од која биле задоволни со неговата матична партија, од која очигледно не се задоволни на ниво на целата држава;така и треба да биде кога гласаат свесни и зрели граѓани), оваа партија тоне во понорот на сопственото маргинализирање, да не речам исчезнување. Првичните изјави на таканаречениот лидер на оваа партија, кловн и измеќар на кланот од Дубаи дека „ не сме задоволни од резултатот, но има нагорен тренд на зголемување на гласовите“, кога е допрен биолошкиот минимум , освојувајќи околу 125.000 гласови, како и поткрепа на овие тврдења, од страна на заменик-претседателката и една потпретседателка која служи за потсмев на социјалните мрежи, во суштина тројцата несдсмовци, ами октроирани гревови да го чуваат тронот на Бихаќка, на црпнатиот од Муртино, ми дава за право да верувам дека ја продадоа партијата, за да си ја купат слободата , нивна и на нивните потесни и пошироки инкриминирани во алудиран криминал и тешка корупција за милиони, фамилијарни кругови. Непрокопасани несреќници. Но да не се занимаваме со овие безочливи креатури. Во насока на ваква катаклизма иде и партијата ЗНАМ, која освен предвидениот успех на нејзиниот лидер во општина Куманово, доживеа дебакл насекаде низ државата. Ви реков дека прокси кандидатот на ДПМНЕ во Општина Центар, од оваа партија, ќе биде апсолутен и најголем губитник на овие избори. Треба да ми верувате. Чест на исклучоците, како листата на ЗНАМ Струмица, која ги преповтори гласовите на оваа партија со тие од минатите парламентарни избори, при многу помала излезност. Што значи тие од ЗНАМ Струмица, имаат навистина нагорен тренд на подобрување на резултатот. Добар резултат освои и коалицијата предводена од ЛДП, односно се легитимираа како политичка партија на ниво на Македонија,градејќи го повторно својот партиско-политички идентитет, надвор од претходната коалиција со социјалдемократите. Сепак најголемото изненадување на овие избори во етничко –македонскиот политички блок, се случи со влезот на Амар Мециновиќ во вториот круг во главниот град на бараж, како и супер успехот на листите на Левица во скопските урбани општини.
Политички удар за ДУИ !
Најголемото изненадување пак на овие избори во целата држава , е всушност победата во градоначалнички места на коалицијата ВЛЕН во етничкиот политички блок на македонските Албанци. И покрај тоа што анкетите даваа предност на коалицијата предводена од ДУИ, овој пат со помош на гласовите од ВМРО-ДПМНЕ, вленовци победија во поголем број , но и позначајните општини низ Македонија, од која круната е општина Чаир. Сепак, победата во Општините Сарај и Арачиново, кои досега беа под локална власт на ДУИ, Влен ги прави морални победници, и покрај тоа што коалицијата предводена од ДУИ, пак има повеќе освоени гласови на советничките листи. Најинтересно ќе биде да се следат во иднина, разврските на политичката сцена кај Албанците во Македонија, бидејќи тоа може да биде лакмус тест за идни политички прегрупирања. Во македонскиот блок работите се јасни како бел ден: СДСМ го прославува, не толку лошиот резултат!
Благојче Атанасоски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.