Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски е недостапен за колегите, кои го чекаат да закаже седница затоа што денеска треба да се ревидира роковникот, а утре да почне кампањата, пренесува 360 степени.
Поранешниот претседател на ДИК Борис Кондарко, кој е сега член на Комисијата од СДСМ, потврдува дека членовите го чекаат Деркоски да закаже седница, затоа што, како што вели, тоа е негова надлежност. Вели дека членови на ДИК и по службен пат ќе испратат известување до Деркоски дека Комисијата треба да заседава денеска.
„Ревидирањето на роковникот ден по завршувањето на вонредната состојба е законска обврска што произлегува од Уредбата за изборите и заклучокот на ДИК. Тоа е фактичката ситуација во овој момент, со оглед на тоа што заврши вонредната состојба. И ние мора да постапуваме согласно со Уредбата. Сепак, надлежност и обврска на Деркоски е да закаже седница“, изјави Кондарко.