Одлуката на Доналд Трамп да воведе царини за речиси сите земји во светот имаше бројни последици за Америка и за него како претседател, а последната во низата е фактот што е јавно критикуван од десничарските инфлуенсери со чија помош победи на изборите.
Како што пренесува „AP“, инфлуенсерите кои јавно изјавија дека ќе гласаат за Трамп, како и некои кои го угостија на нивните платформи, сега се премислуваат, а главната причина се тарифите што тој ги наметна.
Најголем меѓу нив секако е Џо Роган, кој е водител на „Joe Rogan Experience“, најслушаниот поткаст во светот.
Трамп повеќе пати беше домаќин на Роган, како и неговиот близок соработник Илон Маск, па дури и откри дека ќе гласа за него на изборите, но одлуката за тарифите го наведе Роган јавно да го критикува за време на неговиот поткаст.
Покрај царините, Роган го критикуваше Трамп и за масовните депортации, кои ги нарече „нехумани“.
Меѓу повлијателните гласови кои исто така остро го критикуваа Трамп е Бен Шапиро, конзервативен инфлуенсер следен од милиони луѓе и еден од сопствениците на влијателниот медиум „Дејли Вајр“.
Тој го поддржуваше Трамп до воведувањето на тарифите. Шапиро го нарече настанот за време на кој Трамп ги објави деталите за потегот „најлошото можно претставување“ и ги нарече тврдењата дека тоа ќе ја збогати Америка „неточни“.
Дејв Портној, сопственик на Barstool и инфлуенсер со милион следбеници, исто така го напушти Трамп по прашањето за тарифите. Тој по скандалот отворено го критикуваше тимот на Трамп со пораки на апликацијата Сигнал, а сега го критикуваше и американскиот претседател.
Портној објави дека изгубил до 20 милиони долари во акции и криптовалути поради падот на берзата, што, според проценката на АП, е околу 15 отсто од вредноста на неговиот имот.
Сепак, Портној ја заврши критиката кон Трамп со тоа што тој се уште мисли дека е „паметен човек“ и дека ќе најде излез од оваа ситуација.