Кандидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски повика на јавна дебата, на која, како што вели, ќе ги соочат своите идеи сите кандидати.
-Ги повикувам уште еднаш сите кандидати за претседател на СДСМ да ми се придружат на јавна дебата на која ќе ги презентираме нашите идеи и конкретни реформи. Овој повик доаѓа како одговор на бројните барања од луѓето од цела Македонија со кои се среќавам и зголемениот интерес од медиумите. Нема од што да бегаме, а само преку отворен и транспарентен пристап можеме на луѓето да им дадеме можност да бираат идеи и концепти, а не однапред сервирани решенија, вели Деспотовски.
Според него, охрабрувачки е да се види дека неговите колеги активно ги промовираат клучните точки од неговата реформска програма, особено реформата со која се воведува директен избор на клучните луѓе на партиски позиции преку непосредни избори што го промовирал уште пред три години.
-Силата е во членството. Нема сервирање “готови кадри“ туку членството ќе бира кој ќе ги претставува. Ова е единствениот начин како градоначалникот и пратеникот да бидат одговорни кон луѓето а не кон лидерот, порачува меѓу другото директорот на ТИРЗ.
Во СДСМ и официјално почна кампањата за внатрепартиските избори. Кандидатот Венко Филипче соопшти дека пред членовите на партијата во Охрид и во Струга ја претставил програмата. Тој смета дека им е потребна ефикасна и функционална партиска организација, којашто ќе работи во интерес на членовите и на граѓаните, поголема демократизацијата на изборот на претседатели на општински организации, односно, тие да се избираат на внатрепартиски избори, на ист начин како и претседателот на партијата.
Освен Деспотовски и Филипче, во трка за лидерската позиција во СДСМ се и пратеничката Славјанка Петровска, како и заменик-министерот во информатичко општество и администрација во заминување, Александар Бајдевски.