Членот на СДСМ и директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски денеска официјално ја поднесе кандидатурата за иден лидер на неговата партија. Во изјава за медиумите порача дека СДСМ е во тешка ситуација и треба нов почеток. Најави дека тој и неговиот тим ќе работат за да биде „нова партија на сите граѓани“.
-Нудиме програма позади која стојат повеќе дејци и стручни лица кои дадоа практичен придонес. Повеќето работи се поврзани со основни принципи и политики на работење. Нема да зборуваме, туку успехот ќе го мериме преку конкретни дела и чекори. Кај нас не зборуваме, туку ќе работиме и ќе дадеме конкретни чекори. Нов почеток и нов СДСМ, кажа Деспотовски во порака пред медиумите.
Најави дека ќе бидат конструктивна опозиција во Собранието и државата, како и го најави концептот „Влада во сенка“. Нема да критикуваат по секоја цена, туку ќе подадат на секого за сите политики и чекори кои се во интерес на државата. Деспотовски исто така најави дека доколку стане претседател на СДСМ, ќе бидат и остар критичар на сите практики и политики кои ќе значат остапување од сите демократски процеси и појави.
-Концептот Влада во сенка не е за СДСМ да дели фотелји, туку конкретни личности ќе работат на ставови. Ќе подадеме рака кон нашиот политички противник, но секаде каде што ќе процениме дека политиките не се во согласност со интересите на граѓаните, ќе нудиме алтернатива. Конкретни луѓе и тимови ќе работат на такви алтернативни политики. Таков избор во минатото немавме. Не успеавме да направиме споредба меѓу учинокот на СДСМ на централно ниво и учинокот на опонентот кој е веќе 3 години на власт на локално ниво, истакна меѓу другото членот на СДСМ.