Изборниот процес за претседател на СДСМ не може да заврши без одговори зошто на неколку илјади членови не им беше дадено да гласаат, вели кандидатот и директор на ТИРЗ во заминување, Јован Деспотовски. Денеска пред новинарите, тој порача дека во иднина целосно ќе се посвети во политичкиот ангажман.
Запрашан кои ќе бидат неговите следни чекори и што се случи во неделата на гласањето во СДСМ, Деспотовски вели дека „не е во ред на гласање да пуштате луѓе кои што знаете како ќе гласате, а притоа пак да им се протнат 25% што гласале обратно и на сите останати да им оневозможите да гласаат“.
-Малку е смешно откако излегуваме како Комисија или партија дека процесот е завршен и лидерот е избран, а наредниот ден одговараме на приговори. Како што Комисијата сама да не си ги почитува актите кои што го носи? Јас останувам на прашањата кои ги поставив и инсистирам да добијам одговор. Значи зошто секој втор, не е секој десетти, во изминативе 25 дена потрошил дел од своето време и на 40 степени отишол до најблиската општинска организација и поднел барање, или се регистрирал на интернет сеедно, не гласал, односно ниту отишол, или отишол да гласа па го вратиле. Ако сакаме да зборуваме за регуларен процес, треба прво да одговориме на тоа прашање, посочи Деспотовски.
Според кандидатот, на дел од членството на СДСМ им било кажано да не излегуваат на гласањето.
-И денеска имате луѓе се јавуваат. Луѓето се вознемирени – таму има народ кои што по 20,30 години се во партијата, со срце, не добиле ништо. Има и такви ситуации каде што им било кажано да не излегуваат. Треба да се одговори кои ги прави овие притисоци и зошто се правени. Има сериозен проблем, тврди Деспотовски, додавајќи:
-Поделби прават тие кои што ги бркаат луѓето од партијата. Јас не ги избркав луѓето на 30-ти јуни. 11 илјади луѓе не излегоа на гласање.