Кандидатот за лидер на СДСМ, Јован Деспотовски денеска побара од останатите кандидати заеднички да организираат презентација на нивните програми.
-Ги поканувам моите партиски другари и кандидати за Претседател на СДСМ Фросина и Димитар заеднички да организираме презентација на нашите програми. Заедно да се обидеме нашите идеи, концепт и мерки да стигнат до најширок број на наши сопартијци, пред луѓето што одлучуваат, објави Деспотовски.
Според него, треба да обезбедат еднаков пристап до сите членови и поддржувачи, кои не секогаш имаат можност да бидат поканети и присутни и да слушнат што нудат кандидатите.
-Затоа, имајќи ги предвид и кратките рокови предлагам презентацијата да биде он-лајн, со отворена можност за поставување на директни прашања. Предлагам оваа активност да ја организираме во време и на локација што ни одговара на сите кандидати за претседател на СДСМ, потенцира директорот на ТИРЗ.
Во однос на кандидатурата за лидер на СДСМ, Деспотовски денеска изјави дека размислувал долго.
-Амбицијата постоела кај мене, изборот беше да седам на страна и да си коментирам во кафеана или да се вклучам внатре и да дадам придонес. Се одлучив за второто, сметам дека е чесно да влезам, изјави тој во емисијата „Студио 10“.