Најмалку девет лица загинаа кога два хеликоптера на вооружените сили на САД се судрија во американската сојузна држава Кентаки, јавија локалните медиуми.
Гувернерот на Кентаки, Енди Бешир, изјави дека тоа е „тешка вест“ и дека прелиминарните извештаи покажуваат дека треба да се очекуваат жртви.
Локалните медиуми јавуваат дека несреќата се случила ноќеска околу 3 часот и 30 минути и дека девет лица загинале.
Армијата потврди дека се судриле два воени хеликоптера.
Несреќата се случила во областа Триг Каунти, во близина на воената база Форт Кембел.
Портпаролот на базата изјави за Би-Би-Си дека два хеликоптера HH60 Blackhawk се судриле за време на „рутинска мисија за обука“.
Од базата изјавија дека не се знае во каква состојба се членовите на екипажот и дека командата во моментов е фокусирана на грижа на војниците и нивните семејства.
Во изјавите од базата се додава дека истрагата е во тек и дека дополнителни информации ќе бидат објавени веднаш штом ќе станат достапни.