Министерството за внатрешни работи излезе со детали за синоќешниот вооружен грабеж кој се случи во една од продавниците за бела техника кај Градскиот стадион во Скопје. Според полицијата, уапсени се две лица.
-На 29.11.2024 околу 20:30 часот полициски службеници од ЕИП постапија по претходна пријава за кривично дело “разбојништво”, кое во моментот се вршело во продажен објект во градскиот парк во Скопје. Во моментот на пристигнување на полициските службеници, сторителите се затекнати како излегуваат од маркетот, со огнено оружје во рацете, а од страна на полициските службеници им биле издадени наредби да застанат и да го фрлат оружјето, но разбојниците се дале во бегство, при што полициските службеници испукале неколку предупредувачки истрели и ги стигнале и совладале сторителите, информираа од МВР.
Покрај огнено оружје и парите од грабежот, полицијата кај двете лица пронашла и експлозивна направа.
Mаскираните влегле во продавницата и им се заканиле на вработените со зборовите: „Вадете ги парите од касата, ако некој викне полиција сите ќе ве убиеме“.