Детали за инцидентот на небото над Вашингтон: Пробиен звучниот ѕид за време на потера

од Stefanija Kuzmanovska

Воздухопловните сили на САД ги подигнаа борбени авиони Ф16 кои тргнаа по лесен патнички авион од типот „Цесна“ кој го наруши воздушниот простор околу главниот град на САД, Вашингтон, и чиј пилот не одговори на повиците на контролата на воздушниот сообраќај.

Авионот „Цесна“ подоцна се урна во соседната држава Вирџинија, а на местото на несреќата не се пронајдени преживеани, пренесува „Ројтерс“.

За време на нивната акција, американските ловци Ф16 го пробиле звучниот ѕид над Вашингтон, што предизвика изненадување и вознемиреност кај населението.

Државната полиција на Вирџинија потврди дека во авионот „Цесна“ имало четири лица и дека на местото на несреќата нема преживеани.

Авионот „Цесна“ е регистриран во компанијата „Енкор Моторс“ од Мелбурн, Флорида, а сопственикот на компанијата Џон Румпел за „Вашингтон пост“ изјавил дека во авионот летале неговата ќерка, внука и нејзината дадилка.

„Не знаеме ништо за падот на авионот. Засега сме во контакт со луѓе од Федералната служба за цивилна авијација“, изјави Румпел во интервју за новинарот на „Вашингтон пост“.

Американската војска се обидела да стапи во контакт со пилотот, кој не реагирал и се чинело дека „Цесна“ летал на автопилот, изјави неименуван извор запознаен со ова прашање.

„Борбените авиони добија дозвола да ја пробијат звучната бариера и да летаат со суперсонична брзина што можеа да ја слушнат жителите на главниот град на САД“, се вели во официјалното соопштение.

Слични содржини