Основното јавно обвинителство Тетово до надлежниот суд поднесе барање за поведување подготвителна постапка против малолетничка која стои позади смртта на 16-годишникот чие безживотно тело беше пронајдено вчера во реката Пена кај месноста Бањиче.
-Осомничената 17 годишна девојка со умисла лишила од живот дете на возраст од 16 години. По вербална расправија во автомобил кај местото викано Бањиче таа со остар предмет го удрила оштетениот во главата неколку пати, нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот. Потоа го турнала во реката Пена, а лицето било пронајдено починато по течението на реката. Надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор, стои во соопштението од Тетовското обвинителство.
Од МВР претходно известија дека бил извршен службен разговор со малолетничката.
-Вчера во 14.00 часот во СВР Тетово бил извршен службен разговор со 17-годишна малолетничка од тетовско Рогле. Таа се сомничи дека со тврд предмет го нападнала 16-годишниот малолетник од с.Ново Село, општина Желино. Исто така, во врска со настанот, во присуство на родител, претставник од Центар за социјални работи, адвокат и медицинско лице бил извршен разговор и со 17-годишен малолетник од Тетово, велат од полицијата.
Малолетникот бил ослободен.