Научниците од Јужна Африка во четвртокот рекоа дека регистрирале нов сој на Ковид-19 со повеќе мутации, обвинувајќи го за зголемениот број на заразени.
„За жал, откривме нов сој што предизвикува загриженост во Јужна Африка“, рече вирологот Тулио де Оливеира на прес-конференција.
Сојот, наречен со научно нумеролошко име B.1.1.529, „има многу голем број мутации“, рече тој.
„За жал, тој предизвикува нови инфекции“, додаде Оливеира.
Сојот бил забележан и во Боцвана и Хонг Конг меѓу јужноафриканските патници, тврди тој.
Тамошниот министер за здравство Џо Фала рече дека новиот сој е „прашање за сериозна загриженост“ и стои зад „експоненцијалното зголемување на бројот на заразени, што го прави голема закана“.
Дневниот број на заразени во Јужна Африка се искачи на повеќе од 1.200 во средата, што претставува зголемување за околу сто случаи овој месец.
Пред откривањето на новиот сој, властите предвидуваа дека четвртиот бран ќе започне да ја погодува Јужна Африка од средината на декември, поттикнат од патувањата пред сезоната на годишни одмори.
Националниот институт за заразни болести (NICD), управуван од владата на Јужна Африка, соопшти дека во земјата биле пријавени 22 позитивни случаи на сојот Б.1.1.529 по геномското секвенционирање.
Институтот во денешното соопштение рече дека бројот на забележани случаи и процентот на позитивни тестови „брзо се шират“ во три провинции во земјата, вклучително и Гаутенг, која ги вклучува Јоханесбург и Преторија.