Етничката диференцијација на граѓаните кои одговарале на прашањата на анкетата на „Детектор“ покажува дека етничките Македонци и нивните сограѓани Албанци имаат различен став кога станува збор за начинот на кој што би требало да се сработи она што се пропушта во оваа учебна година поради вирусот.

Додека Македонците во мнозинство сметаат дека најдобро решение е онлајн наставата, етничките Албанци сметаат дека треба да се продолжи наставата. Па така, 39,9 отсто од етничките Македонци се за онлајн-настава, 25,4 отсто за продолжување на учебната година, додека 7,7 отсто за одработување на саботите.
Кај етничките Албанци, најголемиот дел или 34,5 отсто сметаат дека најдобро решение за надополнување на пропуштеното образование поради корона вирусот е да се продолжи учебната година, 24,6 проценти се определиле за онлајн-настава, а 12,3 проценти
за одработување на саботите.
Граѓаните од останатите етнички заедници, исто така, во мнозинство се за продолжување на учебната година. Ваков став делат 37 проценти од анкетираните граѓани од другите етнички заедници, 32,6 отсто се за онлајн-настава, а 6,5 отсто за одработување на пропуштената настава во саботите.
Анкетата по нарачка на „Детектор“ телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1116 испитаници во периодот од 18 до 21 март оваа година со маргина на грешка од плус-минус 3 отсто.