Детектор: Повеќе од половина од граѓаните не се задоволни од квалитетот на образованието

од Vladimir Zorba
229 прегледи

Помалку од тројка е средата оценка кај граѓаните ја дадоа за образованието, покажува последното истражување на јавното мислење кое за потребите на емисијата „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања од Скопје.

Најслаба оценка добило средното образование – 2,79, нешто подобро е оценето високото образование – 2,84, а средната оценка за основното образование е 2,85.

Во споредба со последната анкета што за „Детектор“ ја спроведе Институтот за политички истражувања во мај годинава, се бележи намалување на средната оценка за квалитетот на образованието. Најмногу паднало средното образование.

Анкетата покажува дека повеќе од половина од граѓаните генерално не се задоволни од квалитетот на образованието, иако висок е и процент на граѓани кои сметаат дека образованието е квалитетно. 51,6 проценти од анкетираните изјавиле дека генерално не се задоволни од квалитетот на образованието а 44,8 проценти се задоволни.

Близу половина од граѓаните или 49,9 отсто не се задоволни од програмите во образованиот процес за разлика од 26,3 отсто од анкетираните кои се задоволни. 54,4 проценти не се задоволни од квалитетот на учебниците, а 45,7 проценти од наставниот кадар.

Големо мнозинство граѓани смета дека земјите од регионот имаат поквалитетен образовен процес. Над 40 проценти сметаат дека во споредба со земјите од соседството, образовниот процес во земјава е полош.

Кога станува збор за условите во училиштата, повеќе од третина од граѓаните сметаат дека бројот на ученици во еден клас или едно одделение е премал.

– Интересна е етничката поделба. Додека етничките Македонци се на став дека во паралелките има премалку ученици, нивните сограѓани, етничките Албанци се убедени во спротивното. Дури 44,9 проценти од анкетираните етнички Албанци сметаат дека во паралелките има преголем број на ученици. Спротивно на ова, 42,1 проценти од анкетираните етнички Македонци сметаат дека во едно одделение или клас има премалку ученици, велат од Детектор.

Граѓаните сметаат дека повеќе пари за наставниците нема да ќе го решат проблемот со образованието кое го сметаат за неквалитетно.

Анкетата е спроведена телефонски во периодот од 16 до 19 ноември врз репрезентативен примерок од 1116 испитаници.

Слични содржини