„Детектор“: Претседателските кандидати соочени со ставовите на граѓаните

од desk4

 

Претседателските кандидати, Блерим Река, Гордана Сиљановска–Давкова и Стево Пендаровски денес се соочија во дебатната емисија „Детектор“ на ТВ Сител. Во 80 минутната дискусија говореа за своите програми, но и за темите кои се произлезени од истражувањата на јавно мислење што за „Детектор“ ги направи Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС), а тоа се, меѓуетничките односи, Преспанскиот договор, интеграциите, приоритетите, прашањето за амнестија и аболиција, партиските влијанија и условите за фер избори.

На првата поставена тема која се однесуваше на пораките со кои сакаат да ги привлечат гласачите, претседателските кандидати ги изложија следниве ставови:

„На државата ѝ е неопходна внатрешна кохезија, што е во склад со мојот слоган „Заедно напред“. Значи, треба да ги оставиме зад нас сите поделби по етничка, верска  и политичка линија и да се договориме околу една, две или најмногу три работи што се исклучително важни за нас и нашата држава. Резервна татковина немаме, а во неа ќе бидеме со еднакви права, обврски и одговорности. Оваа земја мора да биде демократска и евроатлански интегрирана во ЕУ и НАТО“ – порачува Стево Пендаровски.

„Фокусот на мојата претседателска програма останува „Република за сите“, со законот над сите и ќе има два приоритета. Првиот, како до мултиетничка република, која може да е модел со сите рамноправни граѓани кои ќе го почитуваат уставот и законот, и вториот е како до евро-атланска република, односно како да се потрудиме што побрзо да го добиеме датумот за евроинтеграции“ – истакнува Блерим Река.

„Она што сум успеала во личниот и професионалниот живот одамна, да бидам во ЕУ, ќе го направам и со Република Македонија, и тоа преку реформи кои што ќе бидат во функција на владеењето на правото. Ќе им се обратам на жените бидејќи ова е шанса да покажеме дека можеме на поинаков начин да управуваме, до неопределените, разочараните од сегашната власт, па дури и до оние кои имаат намера да ги бојкотираат изборите“ – посочува Гордана Сиљановска–Давкова.

 

 

 

Слични содржини