Детето е хоспитализирано – ОЈО ги истражува причините за несреќата во Карпош

од Nikola Popovski
57 прегледи

Се огласија од ОЈО Скопје , информирајќи дека извршиле увид во Општина Карпош, каде при пад на гранка од дрво вчера 10-годишно дете се здоби со тешки телесни повреди. Според последните информации, детето е хоспитализирано и се уште е под опсервација.

-Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување на целокупната документација за утврдување на староста и евентуалните барања за сечење и отстранување на дрвото. Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија во насока на утврдување на евентуална кривична одговорност за настанот, информираа од ОЈО.

Според соопштението на локалната власт, иронијата да биде поголема, инцидентот се случува само на 5 метри од пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ кое е должно, согласно Законот за локална самоуправа, да го исече ова дотраено дрво. Од општината предводена од градоначалникот Стевче Јакимовски тврдат дека одговорноста на „Паркови и зеленило“ е уште поголема зошто истото дрво било обележано и тоа подолго време за сечење, меѓутоа, како и во стотици други случаи јавното претпријатие и Градот Скопје остануваат глуви на барањата на Општина Карпош и на граѓаните.

„Паркови и зеленило“ изрази жалење за инцидентот.

„Најостро ги демантираме наводите на Општина Карпош дека дрвото било обележано за сечење. До нашето претпријатие не пристигнало никакво барање за интервенција, ниту пак е издадено соодветно решение за сечење“, велат од ЈП. Истакнуваат дека секогаш постапуваат по барањата за интервенции врз дрвјата и дека досега одговориле на сите барања од Општина Карпош.

Слични содржини