Портпаролот на косовската полиција за северот, Ветон Ељшани потврди за РСЕ дека во текот на ноќта се слушнале детонации во близина на станиците во Звечан и Северна Митровица.
Елшани вели дека најверојатно се работи за шок бомби. Повредени нема, а оштетено е едно полициско возило.
Портпаролот на полицијата наведува дека е отворена истрага, но дека нема осомничени.
Тензиите на северот на Косово, населен претежно со Срби, се зголемија во последните три недели. Почнаа на 26 мај, кога новите албански градоначалници на општините на север, со асистенција на косовската полиција, влегоа во општинските згради, со противењето на тамошните Срби.
Тензиите кулминираа на 29 мај, кога српските демонстранти се судрија со членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР, во Звечан. Во судирите се повредени десетици луѓе од двете страни.
Исто така, на 13 јуни косовската полиција спроведе акција во Северна Митровица, каде го уапси Милун Миленковиќ. Министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља изјави дека уапсениот е осомничен дека е еден од организаторите на настанот во Звечан на 29 мај.
Ден потоа, српските сили на северот на земјата уапсија тројца припадници на косовската полиција, акција која Владата на Косово ја опиша како киднапирање.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изјави дека ниту еден војник и полицаец од Србија не ја поминал границата со Косово. Тој рече дека српската полиција уапсила тројца косовски полицајци на 1,8 километар од границата.
Косовскиот премиер Албин Курти ги отфрли тврдењата на Србија дека косовски полицајци ја преминале границата и влегле на нејзина територија.
Исто така, Владата на Косово соопшти дека се засилени граничните контроли со Србија. Косовскиот премиер рече дека „целта е безбедноста, а безбедноста започнува на границите“.
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во четврток изјави дека ќе ги покани претставниците на Косово и Србија во Брисел следната недела, на вонреден состанок за управување со кризи.